Иванов утре на конференција за поддршка на Сирија и на регионот во Лондон

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, утре ќе учествува на Самитот за поддршка на Сирија и на регионот, што се одржува во Лондон, Велика Британија, каде ќе има и свое обраќање, соопштија денеска од кабинетот на Иванов.

„Целта на самитот на шефови на држави и на влади е создавање фондови и обезбедување помош од меѓународната заедница за обновување на Сирија, како и поддршка на државите што се особено погодени од бранот бегалци и се крајна цел на бегалците. Се очекува учесниците на самитот да постигнат согласност за помош на цивилното население во Сирија, да се изнајдат економски можности за обезбедување работни места за бегалците, како и еднаков пристап до образовниот систем за децата-бегалци. Крајната цел, според најавата на организаторите, е да се намали приливот на бегалци кон европските земји“, стои во соопштението.

Домаќин на конференцијата е премиерот на Велика Британија, Дејвид Камерон, во соработка со емирот на Кувајт, Ал-Ахмад ал Јабер ал-Сабах, германската канцеларка, Ангела Меркел, премиерот на Норвешка, Ерна Солберг, и со генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун.

На самитот, како што е најавено, ќе учествуваат лидерите на повеќе од 70 држави од светот, претставници на ОН и на меѓународни и на регионални организации, како и претставници од невладиниот и од приватниот сектор.