[ИНТЕРВЈУ] Јаневска за високото образование: Просветниот инспекторат ќе има многу работа

Јаневска во интервју за Мета.мк ги коментира состојбите и заложбите околу студентскиот стандард - субвенционираниот оброк, стипендиите и ситуацијата во студентските домови, за каде најавува и истраги на Државниот просветен инспекторат. МОН веќе постапува и по пет пријави за наводни неправилности на неколку државни и приватни универзитети, меѓу кои се и Државниот универзитет во Тетово и Меѓународниот универзитет во Струга на Рамиз Мерко

Весна Јаневска, министерка за образование и наука / фото: Мета.мк

Македонија има премногу факултети и универзитети кои не придонесуваат кон напредок на образовниот систем. Државата е извозник на млади умови и таленти бесплатно, а нема план што да направи за да ги задржи. Платите на универзитетските професори се покачија и сега тие треба да ѝ возвратат на земјата и да се ангажираат во нивните области со цел квалитетот на високото образование и меѓународното позиционирање на установите да се подобри.

Ова во интервју за Мета.мк го истакна новата министерка за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, која минатиот месец го презеде ова министерско место од нејзиниот претходник Јетон Шаќири.

Таа е доктор на медицина, специјалист по патологија и доктор на науки. Била редовна професорка на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје и е поранешна собраниска пратеничка.

Јаневска во интервјуто ги коментира состојбите и заложбите околу студентскиот стандард – субвенционираниот оброк, стипендиите и ситуацијата во студентските домови, за каде најавува и истраги на Државниот просветен инспекторат.

Министерството веќе постапува и по пет пријави за наводни неправилности на неколку државни и приватни универзитети, меѓу кои се и Државниот универзитет во Тетово и Меѓународниот универзитет во Струга на Рамиз Мерко.

Целото интервју прочитајте го во продолжение.

Весна Јаневска, министерка за образование и наука / фото: Мета.мк

Впечатокот е дека забележливиот раст на бројот на факултети и универзитети и лесниот пристап до високото образование не се придружени со соодветна контрола на квалитетот на образованието. Кој е вашиот став за бројот на универзитети во Македонија и како сметате дека тоа влијание врз квалитетот на образованието што го добиваат студентите?

Логично би било појавата на приватни универзитети и зголемениот број дури и на државни универзитети да придонесат да се зголеми конкуренцијата и да се покачи квалитетот на образование. Но, како што тоа бива во Македонија, а веќе не се вознемирувам тоа да го кажам, ефектот е комплетно обратен. Имаме премногу факултети, универзитети и високи стручни школи кои, за жал, не покажаа никаков напредок во целиот образовен систем, а особено во високото образование. За жал, ова не може да опстојува вака. Веројатно многу тешко, но ние ќе мора да спроведеме некоја акција која ќе доведе до подобрување на квалитетот на образованието, а тоа значи дека оние кои работат неквалитетно треба или и да престанат да работат неквалитетно или да престанат да работат воопшто, односно треба да не работат.

Баш поради тоа ние веќе преземаме акции и во моментов работиме на пријави за несоодветно работење на овие установи. Разбирам дека и порано имало такви пријави, но не било ништо преземано. Односно, и кога било преземано нешто, не е дојдено до последната цел – акција за зголемување на квалитетот на образованието.

Се надевам дека сега тоа ќе биде во поголем обем и онака како што законот бара од нас, без да се избегнуваат законските одредби, па некому да му се прогледува низ прсти, а некому не, како што било пракса во минатото.

 

Имате ли планови како да го приспособите македонскиот образовен систем подобро да ги задоволи потребите на пазарот на труд и националните приоритети?

Ние во Македонија имаме 20 правни факултети, имаме пет медицински факултети, имаме многу административни студиски програми. Мислам дека имаме над 1.300 студиски програми, а на дел од нив се случува годишно да не се јави никој, а тие сепак се одржуваат наместо да се стават во мирување или да се укинат. Или се случува да имаме по тројца или петмина студенти.

Дополнителен проблем на ова се квотите на универзитетите и вчера слушнав дека деканот на Економскиот факултет вели дека со години го намалуваат бројот на студенти, што е одлично, затоа што, колку што јас разбрав, се прилагодуваат на пазарот на трудот.

Македонија е во една таква ситуација што ние мора да се прилагодуваме на пазарот на трудот за да на луѓето кои го продолжуваат своето образование на високообразовните институции потоа да може да им гарантираме и работно место. Повторувам по многу пати, Македонија е извозник на нејзиното најголемо богатство ама без пари. Ние ги извезуваме нашите умови и нашите млади луѓе во странските држави, а за возврат не добиваме ништо. Значи немаме никаква корист. Напротив, корист имаат тие каде што нашите млади луѓе одат. Државата со години немала план што треба да направи во полето на високото образование, зборувам во однос на образување на младите луѓе.

Затоа, со институциите на државата, како АВРМ или Државниот завод за статистика, и ние во МОН ќе си направиме анализа, и во согласност со стопанските комори, со бизнис- фелата во државата, која де факто треба да нуди работа за децата и која треба да ја поткрене економијата на земјата, ќе направиме една сериозна анализа за тоа што имаме премногу, а што ни фали, па да ги усмериме младите луѓе таму каде што има недостаток на струки, за да можат и да имаат некаква гаранција дека утре, откако ќе завршат, ќе можат во државата да се вработат и да дадат придонес – и за државата, но и себеси да си обезбедат еден пристоен нормален живот.

 

Неодамна, за од догодина најавивте промена во квотите на факултетите, за што рековте дека ќе се дефинираат според анализа на пазарот на трудот. Каде мислите дека ќе се крати, а каде ќе се попушта?

Не би можела да ви кажам каде ќе се крати, тоа ќе го покаже анализата, но мислам дека е очигледно. Бидејќи доаѓам од Медицинскиот факултет, очекувано е да кажам, а и познато е во јавноста, дека на Македонија не ѝ се потребни 700 студенти кои ќе се запишат на медицинските факултети во државата. Еве, после седум години, 400 од нив ќе завршат. Ние пред некој ден слушнавме како министерот за здравство вели дека имаме 600 приватни специјализанти – тоа се доктори кои не се вработени во државата. И тој вели дека сега ќе ги пополнува местата на невработените. Зошто имаме потреба од толку  доктори во нашата земја – затоа што другите си отидоа. Генерално, си отидоа во Западна Европа, но и во прекуокеанските земји. Ако имаме план, а тоа е така и во многу организирани држави, првенствено ќе си ги задржиме квалитетните луѓе, а и државата треба да има увид во тоа што ѝ се случува за да може долгорочно и стратешки да планира – и да ја подобрува економијата, што е многу значајно за граѓаните на оваа земја, но и за развојот на науката и на високото образование.

Ние продуцираме кадар, науката ни е на никакво ниво, најдобриот и најголемиот универзитет не ни се наоѓа на Шангајската листа. Тоа се некои нешта коишто мора да ги поправиме.

 

Сметате ли дека треба да се вратат приемните испити на факултетите?

Во однос на приемните испити, точно е дека ова прашање се актуализира. Матурата е воведена како една алатка која ќе го заокружи знаењето во средно образование и која би требало да ги рангира учениците, да знаат кои се нивните постигнувања – дали се одлични, дали можеле подобро или нешто пропуштиле, но и да ги ориентира кон одредени струки. Во западноевропските земји, односно во ЕУ, матурата е алатка која им овозможува на учениците да се определат за одредени понатамошни академски студии.

Кај нас, за жал, целото образование – и основното и средното – не ги даваат знаењата, компетенциите и вештините кои учениците треба да ги имаат. И овој проблем е мултифакторски. Јас не можам да се усмерам само на учениците, само на наставниците или на родителите, тука има многу фактори кои влијаат: социјалната положба во која се наоѓаат учениците, функционалноста на семејството, рурални или градски средини, образование на родителите, ги има многу.

ПИСА ни дава анализи, ние немаме наши – барем јас сè уште не сум видела, иако сум неколку недели на функција. Треба да ги одредиме тие фактори кои влијаат, а еден е многу јасен – оценките на нашите ученици не се еквивалент на нивното знаење. Со други зборови, тоа значи дека сите наши ученици имаат петка, а знаењето им е од двојка до петка. Тоа е е еден многу лош начин за да се воспитуваат и образуваат децата.

Оваа година, кога малку ја заостривме матурата, односно контролата на матурата, средните оценки паднаа во однос на претходните години. Тоа не е ништо страшно, тоа е само показател, една варијанта за анализа.

Ако ја направиме анализата во однос на овие проблеми што ги наведов, ако поработиме со родителите и со наставниците, да оценуваат еквивалентно на знаењето, да ја полагаат матурата така како што треба, нас приемен испит нема да ни треба, затоа што двоен напор или двојна проценка не би требало да има. Доволна би била едната.

Но, како што знаете, на пример, Архитектонскиот факултет, бидејќи се бараат посебни вештини, си спроведува приемен испит. Не е забрането и другите факултети да спроведат приемен испит, но јас барам малку време да поразговарам со универзитетите, ректорите, деканите и сите вклучени во овој процес, за да побараме и да најдеме заедничко решение. Можеби ако целиот овој систем до упис на факултет го средиме во рок од една или две години, нема да има потреба за приемен испит. Но, ако повторно остане потребата, може и да се воведе.

 

Македонските универзитети котираат различно на различни ранг-листи. Додека на едни имаат скромни искачувања, на поголем дел бележат падови, некаде и драстични. Досега ниту еден македонски универзитет не се нашол на Шангајската листа. Владејачката партија во својата предизборна програма најави поддршка на универзитетите и „значајно позиционирање на најмалку еден универзитет на светските ранг-листи“. Како планирате да го постигнете тоа?

Ќе има измени во Законот за високо образование и тие ќе дадат некакви услови и за постоењето и функционирањето на универзитетите, но и за обврските на научниот и образовниот кадар во високото образование.

Минатата Влада драстично ги покачи платите на универзитетските професори. Јас сум професор и не би сакала никој погрешно да ме сфати – да, универзитетските професори треба да имаат високи плати, и сега, бидејќи навистина имаат високи плати, ќе треба да ѝ возвратат на земјата. Нема да можеме да продолжиме да се однесуваме индолентно на она што Шангајското рангирање го бара. Таму има многу елементи кои ги бараат, но еден од елементите е и научната работа на професорите. Ние имаме и чисто научни институти, но сите високообразовни институции се обврзале дека ќе се бават и со наука. Сметам дека преголем и предолг период ние сите се однесуваме релативно индолентно кон нашите обврски и кон државата, оти, ако сте се обврзале да исполнувате некакви услови за да има напредок на државата, треба и да ги остварувате.

Ќе побараме од професорите малку повеќе да се ангажираат во сите нивни области во образованието, науката, истражувањето. Ќе побараме да се вклучат во мрежите на ЕУ, ќе побараме да се посвети внимание на домашни, странски, меѓународни проекти, ќе побараме да се поврзат со стопанството, бизнис секторот и многу други елементи.

 

Кои се недостатоците на сегашното решение за субвенциониран студентски оброк и како оваа мерка ќе се подобрува? Може ли да се очекува зголемување на износот, и ако да, од кога?

Државата троши огромни пари, навистина огромни – јас дури не сум била свесна колку многу средства се тоа, за да го подобри стандардот на студентите. Но, за жал, од моја гледна точка, а огромен број од студентите се согласуваат со мене, нивниот стандард не е на соодветно ниво. Ќе почнам од студентските домови, кои во дел беа крајно запуштени и кои навистина нудеа супстандардни услови за живот, што е жално, а кога велам жално – тоа е крајна точка на негативноста – младите луѓе кои утре треба да ја градат и водат државата, да треба да учат во такви услови. Поради тоа, започна реновирање на два студентски дома. И тоа е почнато од претходната власт. Јас никогаш нема да го ускратам доброто што го почнала која било власт. Оваа влада треба тоа да го доврши и ние интензивно се трудиме да го сработиме заедно со фирмата која тоа го прави, во што е можно побрз рок за студентите да имаат пристоен престој.

Стипендии им се даваат на студентите, стипендии се даваат за дефицитарните струки и студентскиот оброк е една мерка која е исто така алатка за подобрување на студентскиот стандард.

Јас би сакала, не еден, туку три студентски оброци да им дадеме на студентите. Но, за жал, државата во овој момент е во многу, многу тешка финансиска криза и вие можевте да ја слушнете министерката за финансии колку многу се труди и се бори да обезбеди средства за нормално функционирање, не за некаков напредок. Очекувам дека следната година, поради големите инвестиции кои влегуваат во земјата, без оглед дали се кредити, поповолни камати или друго – таква една инекција на огромни средства на земјава ѝ е потребна – се надевам дека со следниот Буџет ќе можеме да размислуваме за сите алатки, мерки – и стари и нови – со кои ќе го подобруваме студентскиот стандард.

 

Каква е, според вас, моменталната состојба со доделувањето студентски стипендии во земјава – во однос на начинот на кој се доделуваат стипендиите, категориите на стипендии, нивниот износ? Планирате ли нови програми за стипендирање и ако да, какви?

Да, ќе вложиме максимални напори од следната година да направиме анализи и да го подобруваме студентскиот стандард максимум, затоа што, тврдам, и длабоко искрено мислам, дека единствена иднина на оваа земја се младите луѓе.

 

Во предизборната програма најавувате дека особено ќе внимавате на квалитетот на храната во студентските домови. Ќе почне ли на студентите конечно да им се сервира разновидна и здрава храна? Ќе почне ли да се води повеќе сметка за тоа како и на кој начин ги трошат средствата студентските домови и, можеби најважно, ќе почне ли да им се обраќа повеќе внимание на студентските домови од внатрешноста, а не само на оние во Скопје?

Тука можам да бидам комплетно децидна и да не калкулирам со средствата – да, студентите ќе добиваат квалитетна храна, затоа што им е неопходна. И тоа што Министерството може во овој момент да го направи е проверка на евентуално криминално работење во одредени студентски домови, не велам дека тоа се случувало, но има поплаки и сè што е стигнато до Министерството како поплака е проследено до Државниот просветен инспекторат.

Просветниот инспекторат, за жал, сега ќе има многу работа, се надевам дека брзо ќе се организираат за да можат таа работа да ја спроведат, но бидејќи ние работиме во МОН по 12 часа, а тие се под нас, јас ќе ги замолам да вложат максимум од себе, со сите инспектори, за да ја поправиме државата, за да им овозможиме на младите да функционираат нормално, за да градат вредносен систем, за да градат морални норми, за да си ја сакаат татковината, за да сакаат да придонесат во неа. Ние треба да им ги овозможиме условите за ова. Значи, интензивно Државниот просветен инспекторат влегува и во студентските домови – таму од каде што имаме поплаки, а потоа кога ќе ја завршиме ургентната работа, редовно ќе ги правиме тие анализи. Не очекувам секаде да најдеме неправилности.

Ќе работиме на тоа да се подобри ситуацијата во целата држава, оти не е Скопје – државата Македонија.

 

Најавивте дека во моментов се процесираат пријави против три универзитети. Кои универзитети се во прашање и за какви пријави станува збор?

Сега станаа пет. Не можам да ви кажам за кои станува збор, затоа што не сакам да го нарушам угледот на ниту еден универзитет, во случај анализата покаже дека добро работеле. Но, она што е јавно и што беше презентирано и на медиумите, Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени јавно ми предаде претставка за еден универзитет, еве може да кажам дека станува збор за Тетовскиот државен универзитет. Од она што е исто така јавно познато, има поплаки и за Меѓународниот универзитет во Струга. Дозволете ми другите извесен период да ги задржиме како непознати, но сè што ќе најде ревизијата – и да е позитивно, и да е негативно, кога процесот ќе заврши – ние ќе го објавиме најтранспарентно.

Повеќе елементи се во пријавите. Да, јавноста многу зборува и за несоодветно издавање на дипломи и за други неправилности – при избор на наставници, неправилности во изборот на управата на универзитетите, но да видиме што од сето тоа ќе се докаже како вистинска неправилност.