Неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за периодот од 10 до 16 мај 2021, покажува дека за ковид-19 се тестирани вкупно 16.773 материјали во лабораториите, што е зголемување за 6,3 отсто во споредба со една недела претходно. Во овој период се регистрирани 674 нови позитивни случаи на ковид-19, од 31 град во државата, што е намалување за 48,3 отсто во однос на минатата недела. Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 1,8 отсто до 7,2 отсто, просечно 4 отсто.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=280; 41,5 отсто), со неделна инциденца – 45,3/100.000. Највисока неделна инциденца од 94,1/100.000 е регистрирана во Кратово.
Заболените лица се од сите возрасни групи, а најзастапена е групата на возраст над 60 години (n=240, 35,6 отсто). Голем број на заболени има и кај лицата од 50-59 години (n=114; 16,9 отсто), 30-39 (n=114; 16,9 отсто) 40-49 (n=111; 16,5 отсто), и 20-29 (n=56; 8,3 отсто). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 години (n=6; 0,9 отсто) и од 10-19 години (n=33; 4,9 отсто).
По два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2, со статус „оздравени“ се стекнале 2.646 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е намалување од 36 отсто во споредба со една седмица претходно.
Пријавени се вкупно 65 смртни случаи од 15 градови, за 38,1 отсто помалку во однос на минатата недела. Според возраста, 56 лица биле над 60 години, 7 на возраст од 50-59 години, едно лице на возраст од 40-49 години и едно лице на возраст од 30-39 години.
Вакцинацијата против ковид-19 започна на 17 февруари годинава и заклучно со 16 мај аплицирани се 28.594 дози на фајзер-Бионтек (19.691 со прва доза и 8.903 со втора доза), потоа 44.890 дози на СпутникВ (22.871 со прва доза и 22.019 со втора доза), 24.995 дози на АстраЗенека и 108.740 дози на Синофарм.