И невакцинираните првачиња ќе одат на училиште?

Министерот за образование и наука Арбер Адеми смета дека една од опциите за изнаоѓање решение е невакцинираните деца да се запишат во училиште, а дури потоа да се вакцинираат.

„Мета“ дознава дека тој и министерот за здравство Венко Филипче денеска на седница на Владата конечно ќе одлучат што ќе се прави со децата чии родители не ги вакцинираат, а мораат да станат дел од образовниот систем.

Адеми вели дека се разгледуваат и други можности, за кои ќе се разговара во Владата, бидејќи како што вели, основното образование е задолжително, но мора да се внимава и на јавното здравје.

– Една од опциите која се разгледува е децата да се запишат во прво одделение, а потоа од септември, доколку не се вакцинирани, да почнеме со теренска вакцинација – изјави Адеми.

Министерот за здравство Венко Филипче, најави и дека размислува за „чешлање“ на документацијата по завршувањето на уписите, со цел да се види дали сите родители дале потврди за примени вакцини. Но, решение за вакво нешто сè уште нема.