Хојт Ји денеска на средби со претставници на албанските политички партии

Заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија во Стејт департментот, Хојт Брајан Ји, денеска пристигна во Скопје каде што веќе одржа средби со лидерите на албанските политички партии.

Ји во резиденцијата на заменик-амбасадорот на американската амбасада, која се наоѓа во скопската населба Бардовци, прво се сретна Весел Мемеди од Алијансата за Албанците, потоа средба имаше со Билал Касами од Беса, па со Али Ахмети, Артан Груби и со Теута Арифи од ДУИ. Во моментов трае средбата на Ји со Мендух Тачи од ДПА.

Утре претпладне Ји треба да има средба со Талат Џафери, новизибраниот претседател на Собранието, кој во четвртокот беше избран од парламентарното мнозинство, по што група граѓани насилно влегоа во Собранието и повредија неколку пратеници.

Освен со Џафери, Ји ќе се сретне и со претседателот на државата, Ѓорге Иванов, иако претходно беше соопштено дека таква средба нема да има поради презафатеност на претседателот. Сепак, по насилството во Собранието, од кабинетот на Иванов соопштија дека претходно планираните обврски од агендата на претседателот се откажани за да може да се одржи евентуална лидерска средба, која тој ја побара ноќта за време на инцидентот во законодавниот дом.

Американскиот висок функционер утре треба да се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, со претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и со претставници на граѓанското општество и на дипломатската заедница.