ХЕРА: Момчињата и мажите потешко ги изразуваат своите емоции и поретко бараат помош кога им е потребна

Ова води до тешкотии во изразување и разбирање на своите чувства, што може да резултира со ментални здравствени проблеми. Потребно е да се промени оваа културна норма преку едукација и поддршка, беше истакнато на дискусијата

фото: ХЕРА

Мажите и момчињата потешко ги изразуваат своите емоции и поретко бараат помош кога им е потребна. Во нашата култура често се промовира идејата за „силен маж“ – маж кој не зборува за своите емоции, маж кој не плаче и самиот ги решава своите проблеми.

Овој стереотип создава огромен притисок и ги спречува мажите да ги споделат своите чувства и да побараат поддршка, беше истакнато на панел-дискусијата на тема „Грижата за себе и менталното здравје кај момчињата и мажите“ што во организација на ХЕРА се одржа вчера во Студентскиот културен центар (СКЦ).

„Според повеќето истражувања, врсничкото насилство меѓу момчињата е сè поголемо, младите имаат сериозни предизвици со менталното здравје, податоците кои ја опишуваат сликата за менталното здравје на момчињата и мажите кај нас укажуваат од неопходноста за дебата и акција на оваа тема во општеството“, велат од ХЕРА.

Програмската координаторка од ХЕРА, Весна Матевска даде осврт на програмата за поддршка на мажи и момчиња, за која рече оти е дизајнирана да биде достапна и пријателска, со фокус на доверливост и поддршка.

„Нудиме бесплатни услуги и промовираме отворена комуникација за да ги охрабриме мажите да побараат помош“, истакна Матевска.

Психологот и експерт за стрес и анксиозност Кирил Тројачанец, на панел-дискусијата рече дека мажите често се учат да ги потиснуваат своите емоции од рана возраст.

„Ова води до тешкотии во изразување и разбирање на своите чувства, што може да резултира со ментални здравствени проблеми. Потребно е да се промени оваа културна норма преку едукација и поддршка”, рече Тројачанец.

Ленче Алексовска-Величковска, која е спортски психолог, истакна дека најчестите заблуди се оти мажите не треба да покажуваат слабост, дека барањето помош е знак на неуспех и оти емоционалното изразување е за жените.

„Овие стереотипи можат да доведат до сериозни ментални здравствени проблеми“, додаде таа.

За време на настанот, ХЕРА го претстави ММ – центарот за поддршка и советување на момчиња и мажи, кој овозможува бесплатни советувања и поддршка со психотерапевти и психолози за момчиња и мажи. Советувањата ќе се спроведуваат со физичко присуство или преку виртуелни канали. Центарот ќе биде отворен за услуги во вторник, среда и четврток од 10 до 17 часот, а термините може да се закажат на телефонскиот број 070-299-026, на мејл [email protected], или пак на Инстаграм страницата @man.mind.skopje.

„Со овој настан и со новоотворениот центар, сакаме да испратиме јасна порака: барањето помош не е знак на слабост, туку на сила и храброст. Молкот не е одговор за сите твои проблеми. Секој маж заслужува да има пристап до поддршка и ресурси кои ќе му помогнат да го живее својот живот на најдобар можен начин“, велат од ХЕРА.