Грција, Унгарија, Кипар, Полска и Шпанија нашироко го користеле софтверот за шпиoнирање Пегасус

фото: Sigmund на Unsplash

Високата европратеничка што ја води истрагата за шпионскиот софтвер Пегасус, Софи Инт Велд ја обвини Европската комисија дека ја игнорирала „сериозната закана за демократијата“ што ја претставува употребата на технологијата, додека за националните влади рече дека не соработувале во истрагата, јавува „Гардијан“.

Холандската либерална европратеничка рече дека постоела нелегална употреба на Пегасус во Грција, Унгарија, Полска и Шпанија, како и дека има сомнежи за истото во Кипар, додека другите земји-членки на ЕУ го олесниле работењето на „мрачната“ индустрија.

Софи Инт Велд ја води истрагата што ја спроведува Европскиот парламент за да ја испита употребата на хакерскиот софтвер Пегасус на израелската компанија за надзор „НСО Груп“ и еквивалентниот шпионски софтвер.

„Комисијата е решена да се бори против нападите врз демократијата однадвор. Но, кога заканата за демократијата не е толку странска, туку е од владите на земјите-членки на ЕУ, Комисијата одеднаш смета дека одбраната на европската демократија повеќе не е европско прашање, туку прашање на земјите-членки. Комисијата му покажува мускули на Маск, но кадифени ракавици на земјите-членки кои користат шпионски софтвер за граѓаните“, рече Инт Велд при претставувањето на извештајот, осврнувајќи се на неодамнешната порака што еврокомесарот Тиери Бретон му ја упати на Илон Маск околу Твитер.

Комитетот на Европскиот парламент кој ја истражува употребата на Пегасус беше формиран во март годинава, откако неколку медиуми открија широка употреба на хакерски софтвер од владите, вклучително и неколку земји-членки на ЕУ.

Истрагата беше заснована на форензичка анализа на телефони и протечена база на податоци со 50.000 броеви кои потенцијално биле од интерес за клиентите на „НСО Груп“, а меѓу нив биле и броевите на францускиот претседател Емануел Макрон, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, како и други функционери, опозиционери и новинари во 34 земји.

Шпионскиот софтвер ги претвора телефоните во уреди за надзор, копирање пораки, собирање фотографии и снимање повици без корисниците да знаат.

Европратеничката бара забрана за продажба, стекнување и употреба на шпионски софтвери во ЕУ, освен ако земјите-членки не можат да исполнат строги услови кои гарантираат соодветна употреба на технологијата.

Во Грција, според тамошните медиуми, најмалку 33 лица биле следени преку Пегасус. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис потврди дека опозицискито лидер Никос Андрулакис бил цел на шпионскиот софтвер, за што рече дека било „грешка која никогаш не требаше да се случи“. Во извештајот на Инт Велд се наведува дека Адрулакис поднел жалба околу обид да се зарази неговиот телефон со софтверот Предатор, кој претставува поевтина алтернатива на Пегасус.

Околу 300 лица биле цел на шпионскиот софтвер во Унгарија, а меѓу нив се политички активисти, новинари и поранешен владин министер. Владата во Будимпешта потврди дека го купила софтверот Пегасус минатиот ноември, после неколку месеци затајување.

Според извештајот, во Полска шпионскиот софтвер бил „интегрален и витален дел од систем кој бил специјално дизајниран за неограничен надзор и контрола над граѓаните“.

Во Шпанија случајот се поврзува со движењето за независност на Каталонија. Според извештајот на високата европратеничка, се верува дека телефоните на премиерот Педро Санчез и на министрите за одбрана и внатрешни работи биле хакирани од владата на Мороко. Мороко демантираше дека шпионира странски лидери преку Пегасус.

Регионалниот претседател на Каталонија, Пере Арагонез рече дека извештајот потврдил оти Шпанија шпионирала десетици личности кои се залагаат за независност на Каталонија.

Извештајот заклучува дека Кипар бил важен европски центар за индустријата за надзор, што фрли сомнеж врз негирањата на Никозија дека израелската компанија која стои зад Пегасус имала подружница во оваа земја.

Бугарија, Ирска, Чешка и Луксембург се наведени како земји кои го олеснуваат бизнисот на индустријата за шпионски софтвери.