Брисел со предупредување до Маск: Твитер птицата ќе лета според правилата на ЕУ

Photo by Joshua Hoehne on Unsplash

Европската комисија го потсети Илон Маск дека мора да ги следи правилата на Европската унија, по информацијата дека тој ја презема контролата врз Твитер, пренесе „Јуроњуз“.

„Во Европа, птицата ќе лета според нашите правила“, напиша на Твитер еврокомесарот за внатрешен пазар, Тиери Бретон, откако неколку часа претходно Маск објави дека „птицата е ослободена“, алудирајќи на логото на Твитер.

Бретон на објавата ја додаде и кратенката „#DSA“ која се однесува на Законот за дигитални услуги во ЕУ, неодамна усвоената регулатива што ги уредува одговорностите на компаниите кои се занимаваат со висока технологија и со интернет. Ваквата легислатива ги обврзува компаниите да спречуваат објава на дезинформации и да воведат протоколи за запирање на ширењето компромитирачки содржини во време на кризи, како во случајот на пандемијата со ковид-19.

Еврокомесарот објави и линк до видео од мај, на кое тој е прикажан заедно со Илон Маск во фабриката за автомобили на „Тесла“ во Тексас. Маск тогаш рекол дека дигиталната регулатива на ЕУ е точно услогласена со неговото размислување и дека се согласува со сè што рекол Бретон за мерката која се однесува на обврските на социјалните мрежи за модерирање на содржините.

Американските медиуми соопштија дека Маск ја презел контролата врз Твитер и дека ги отпуштил извршниот директор, финансискиот директор и главниот правен советник на компанијата.

Блумберг објави дека Маск ќе стане извршен директор и ќе ги поништи доживотните забрани на корисниците на Твитер, откако претходно во мај ги најави своите планови за укинување на забраните, што предизвика жестоки критики. Меѓу оние што се забранети на платформата се следбеници на „КјуАнон“ теориите, негатори на ковид-19, неонацисти и поранешниот американски претседател Доналд Трамп.