Германија размислува за повторно воведување на задолжителен воен рок

Наспроти ваквите размислувањаа на социјалдемократскиот министер за одбрана, функционерот на Либералната партија ФДП која е членка на германската владејачка коалиција, се залага за зајакнување на резервниот состав на Бундесверот и е против задолжителниот воен рок

Фото: Frank May/dpa

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека разгледува модели за задолжително служење на војска во Германија, а кој би претставувал сличен на шведскиот модел, јавува германската новинска агенција ДПА.

„Таму се проценуваат сите млади жени и мажи и само еден избран дел на крајот го служи основниот воен рок. Дали е тоа нешто што е замисливо и кај нас е дел од овие размислувања“, изјави Писториус за весникот Велт ам зонтаг.

Наспроти социјалдемократскиот министер, функционерот на Либералната партија ФДП која е членка на германската владејачка коалиција, се залага за зајакнување на резервниот состав на Бундесверот и е против задолжителниот воен рок.

„Повторното воведување на задолжнителното служење во војска би било сериозен удар врз слободата на младите луѓе кои сакаат да остварат кариера“, изјави Кристијан Дир, шеф на пратеничката група на либералите во Бундестагот.

Инаку, резервистите се воглавно поранешни војници на Бундесверот кои не го изгубиле чинот. Бундесверот проценува дека бројот на резервисти во општа резерва е околу 930.000 во Германија. Околу 34.000 се дел од постојаната резерва, што значи дека се распоредуваат на дежурства и вршат резервна служба.