(ГАЛЕРИЈА) Први фотографии од студентскиот „Кузман“ чија реконструкција е во тек

Mинистерката Јаневска изјави дека активностите за етапна реконструкција на студентските домови се интензивираат и за четири години сите ќе станат „модерни“ и енергетски ефикасни

фото: Министерство за образование и наука (МОН)

Министерството за образование и наука (МОН) денеска до медиумите ги сподели првите фотографии од внатрешноста на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“, чија реконструкција е во тек.

На фотографиите може да се забележат дел од собите, тоалетите и инвентарот.

Во меѓувреме, министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека активностите за етапна реконструкција на студентските домови се интензивираат и за четири години сите ќе станат модерни и енергетски ефикасни.

Таа на прес-конференција заедно со раководителот на Германската развојна банка (KFW) за Југоисточна Европа, Клаус Милер, претставникот на Делегацијата на Европската Унија, Стефан Худолин и германскиот заменик-амбасадор Јан-Аксел Вос, информираа за прогресот и активностите во рамки на проектот за модернизација на државните студентски домови.

Според Јаневска, ова било една од мерките со кои таа е убедена оти ќе го променат размислувањето кај дел од младите да заминат на студирање надвор од земјава.

„Во време кога недостига работна сила, важен ни е секој еден млад човек. Па, бидејќи е така, да им обезбедиме можности целосно да се реализираат тука, во сопствената земја“, изјави Јаневска.

фото: Министерство за образование и наука (МОН)

Министерката изрази благодарност што Македонија има силни поддржувачи во заложбите за обезбедување на подобар студентски стандард, а со тоа и во заложбите за градење на генерации кои ќе бидат задоволни од грижата на државата и, како што нагласи, ќе развиваат силно патриотско чувство и ќе возвратат со труд и посветеност кон нејзиниот напредок.

За проектот за реконструкција на државните студентски домови досега се обезбедени средства во износ од 25 милиони евра, од кои 20 преку кредитна линија на Германската развојна банка и речиси 5 милиони евра неповратен грант од Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.