(ФОТО) Змија во мензата во студентскиот дом „Стив Наумов“

Директорот на Државниот студентски дом Скопје (ДСД Скопје), Виктор Велевски за Мета.мк потврди дека змијата влегла во студентската менза и дека институцијата е запознаена со настанот

фото: Мета.мк

Змија попладнево влегла во мензата во студентскиот дом „Стив Наумов“ во населбата Автокоманда во Скопје. На фотографиите што до редакцијата на Мета.мк ги испратија студенти сместени во домот, се гледа змијата како е притисната на влезната врата од објектот.

Директорот на Државниот студентски дом Скопје (ДСД Скопје), Виктор Велевски за Мета.мк потврди дека змијата влегла во студентската менза и дека се запознаени со настанот.

Фото: студенти за Мета.мк

Утрово пак, на Инстаграм страницата „Студентарија“ беа објавени фотографии на кои се гледа неискосена трева кај бараките што се дел од „Стив Наумов“.

фото: „Студентарија“ (@studentarijamk) на Инстаграм

Велевски за Мета.мк рече дека вработените во институцијата во моментов ја косат тревата, а поради зголемениот обем на работа, помош побарале и од Јавното комунално претпријатие „Гази Баба“.

„Искосивме, побаравме помош од ЈКП „Гази Баба“, работиме секој ден. Врне, грее сонце и тревата си расте. Капацитетите на домот се тие“, вели директорот на ДСД Скопје.

Тој додава дека е потребно да се одржува теренот и околу студентскиот дом „Стив Наумов“, затоа што е загрозена безбедноста на сите граѓани на општината, а не само на студентите кои се сместени во домот.

Ова не е првпат змија да се појави во овој студентски дом. Поради близината на парк-шумата Гази Баба, во изминативе години  во неколку наврати се забележани влекачи во или околу објектите на домот.