fbpx

Филипче: Ќе се разочараат оние кои сакаат да ја видат СДСМ на колена

Ова нема да биде ниту брзо ниту лесно. Но јас знам дека нема друг начин да ја вратиме довербата кај членовите освен да направиме вистински темелни промени, рече Филипче

-

Личните интереси настрана и одлуки што ќе бидат за општото добро на сите – членовите, граѓаните и државата. Ова го вети Венко Филипче кој синоќа беше избран за лидер на СДСМ на внатрепартиските избори.

„Многумина сакаат да ја видат СДСМ клекната и поразена. Се надеваат дека партијата нема да опстане и се ситат на изборниот пораз. Ветувам дека ќе го вратиме достоинството на партијата, а они кои се надеваат на лоша иднина на партијата, длабоко ќе се разочараат“, потенцираше Филипче.

Тој вети дека ќе ја води партијата преку принципите од кои тој се води и во животот – заедништво, другарство, взаемна почит и отворена комуникација со сите.

„Како претседател ветувам дека нема да делам туку ќе обединувам. Ветувам дека ќе водам со пример и тоа ќе го барам од секој во партијата. Ветувам дека силно ќе се спротивставам на оние кои сакаат да ја ослабнат партијата на сметка на личниот интерес. Ветувам дека ќе го заштитам и слушнам секој член и на секому ќе му дадам глас. Ветувам дека СДСМ ќе биде приземна, отворена и модерна партија подготвена за предизвиците кои следат“, рече Филипче.

Во своето обраќање, Филипче истакна дека СДСМ ќе дејствува како силна опозиција којашто ќе се бори против лошите политики на власта и секогаш ќе биде гласот на разумот и на граѓанската волја која ќе биде заштитена доколку е погазена.

„СДСМ секогаш ја одбирала страната на напредокот, на демократијата, на државноста и европските вредности и затоа мора да продолжиме да чекориме по тој пат. Мора да се бориме граѓаните тоа да го препознаат во нас, бидејќи тоа ќе значи победа за СДСМ“, рече Филипче.

Тој додаде дека следи период на реорганизација и реформа.

„Ова нема да биде ниту брзо ниту лесно. Но јас знам дека нема друг начин да ја вратиме довербата кај членовите освен да направиме вистински темелни промени“, рече Филипче.

На изборите, покрај Филипче, кандидати за партиски лидер на СДСМ беа и директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и поранешниот заменик-министер за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски.

Кандидатурата ја повлече поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Коце Трајановски ќе раководи со државните патишта, одлучи Владата

Коце Трајановски, поранешниот градоначалник на Скопје е назначен за нов директор на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Тој доаѓа на функцијата на местото на неговиот претходник, Ејуп Рустеми. Владата...