Европската Комисија бара да се вложи поголем напор за намалување на загубите на вода за пиење во земјава

Фото: Nicolas Comte, Unsplash

Огромните загуби на водата за пиење во водоводните системи во земјава и годинава се најдоа во Извештајот за реформскиот напредок на земјава за 2021 година изработен од Европската Комисија (ЕК). Во Извештајот од македонските власти се бара да вложат дополнителен напор во намалување на процентот на неприходувана вода на национално ниво, а ваквата констатација на Европската Комисија е вклучена во четвртиот кластер од Извештајот во која се наоѓаат поглавјата од зелената агенда.

„Како што посочува и самиот извештај на ЕК, потребно е воспоставување на систем за мониторирање на квалитетот и квантитетот на површинската и подземната вода. Интегрирањето на ваков систем за мониторирање треба да биде поврзан со контролите на количината на вода за човекова конзумација и другите намени за да имаме јасна слика за состојбите со водите и нивната искористеност“, вели за „Мета.мк“ Евгенија Крстевска од проектот „Water4Changes“.

Таа објаснува дека загубите на вода за пиење значително влијаат врз достапноста на вода за пиење до корисниците. Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, процентот на неприходувана вода на национално ниво лани изнесувал 61,94 отсто. Процентот на загуби на питката вода е намален за 2,7 отсто во споредба со 2019 година. Сепак, ваквиот процент со губењето на водата во водоводните системи е меѓу најголемите во Европа.

Евгенија Крстевска напоменува дека под итно треба да се направи визуелен надзор на водоводната инфраструктура, како би се утврдиле точките на губиток на вода во системите.

„Општините имаат ингеренции за управување со локалната водоводна инфраструктура и од нив зависи во кој дел ќе се прават инвестиции“, додава Крстевска, дополнувајќи дека општините ја имаат клучната улога во намалувањето на губитоците на вода.

„Особено е битно итно донесување на одлука за забрана за користење на вода за пиење за полевањето на јавните површини и непреченото функционирање на фонтаните и јавните тоалети. Да не заборавиме дека потребно е водење на активна политика на казнивост на дивите приклучоци кон водоводната мрежа“, објаснува Евгенија Крстевска од „Water4Changes“.

Таа порачува дека доколку институциите и граѓаните продолжат со вакво недомаќинско користење на водите за различни намени во земјава, во услови на климатски промени недостатокот од вода за пиење ќе го почуствуваме поскоро од што можеме да замислиме.

Токму Северна Македонија, која припаѓа на Медитеранскиот регион, е една од државите која е најподложна на климатските промени, а што досега можеше да се види првенствено преку природните катастрофи, како што беа огромните шумски пожари кои се случија изминатово лето, односно катастрофалните поплави што го зафатија Скопје во август 2016 година.

Податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) низ годините наназад говорат дека постојат месеци, во кои во одредени региони во земјава воопшто не се регистрирани врнежи. Ова значи дека количеството на наврнат воден талог е еквивалентно на нула, а тоа пак ја намалува издашноста на изворите и акумулациите од каде што водоводните системи се снабдуваат со вода за пиење.

„Секој од нас мора да допринесе во заштедата на водата за да имаме пристап до квалитетна и безбедна вода за пиење и за идните генерации. Сметам дека и овие генерации кои што имаат можност да влијаат врз начинот на кој што се управува со водните ресурси во државата ќе ги осетат на своја кожа последиците од климатските промени. Особено ранливи се децата, маргинализираните групи и руралните средини кои што немаат јавен водоснабдителен систем и сами управуваат со расположливите извори со питка вода“, вели Евгенија Крстевска.

Таа нагласува дека првиот чекор за остварување на правото на вода за пиење е негово признавање како основно човеково право во Уставот на Северна Македонија и заштитата на водите како врвен јавен интерес. Само на овој начин, секоја одлука која што ќе биде донесена во поглед на користење на водите нема да смее да се коси со овој јавен интерес, појаснува Евгенија Крстевска.

Инаку, колку за споредба, процентот на загуби на вода за пиење во Северна Македонија е двојно поголем од Словенија, која има процент на неприходувана вода од 30 отсто. Најразвиените европски земји, како што се Германија и Данска, имаат загуби на вода за пиење од под 10 отсто.