„Еуромакс Рисорсис“ најавува меѓународна арбитража за Иловица

По повод одлуката на Владата еднострано да го раскине договорот за концесија за Иловица, од „Еуромакс Рисорсис“ сметаат дека ова е политичка одлука што е во спротивност со официјални изјави на Владата, дадени во јавноста неодамна како и во последните неколку денови, дека тие чекаат Управниот суд да донесе одлука за ова прашање.

„Одлуката ова прашање да се реши од страна на администрацијата, во период додека судството го разгледува, сериозно го доведува во прашање владеењето на правото во Македонија. На 1 октомври, „Еуромакс Рисорсис“ изјави дека опцијата за меѓународна арбитража останува отворена и ќе се постапува соодветно. Сега можеме да потврдиме дека „Еуромакс“ назначи реномирана и престижна меѓународна адвокатска фирма „LANSKY, GANZGER & Partner“ да се подготви за таквиот исход. Покрај нашата силна правна позиција во рамките на Македонија, убедени сме дека „Еуромакс“ има силни аргументи за меѓународна заштита на инвеститорите, а Владата треба да биде сигурна дека компанијата е подготвена да ги исцрпи сите домашни и меѓународни правни лекови“, се вели во соопштението на компанијата.

Извршниот директор на „Еуромакс Ресурсис“, Варшан Гокул изрази разочарување од одлуката на Владата.

„Ова е длабоко разочарувачки. Како најголем странски инвестициски партнер во државата, компанијата во моментов е третирана повеќе од лошо од оваа Влада. Во последните пет години инвестиравме милиони евра во земјата подготвувајќи се за изградба на проектот. Претходно оваа година Европската комисија изрази загриженост за владеењето на правото во Македонија. Јасно е дека тешкотијата што ја имаме е доказ за тоа и не е изненадување што меѓународните партнери се загрижени за тоа што се случува во Скопје. Ова ќе го обесхрабри секој што сериозно размислува да инвестира во земјата. Иако постои правен лек за сето ова – и ние сме многу силни во нашата правна позиција – оваа можност само резултира со непотребно одложување и неактивност, спречувајќи нè да ги испорачаме многу потребни работни места и инвестиции. Веќе неколку години соработуваме со локалната заедница. За жал, тие губат најмногу со оваа одлука на Владата,“ рече Гокул.

Габриел Лански, партнер во адвокатската компанија „LANSKY, GANZGER & Partner“ појасни дека се убедени дека „Еуромакс“ има многу силен случај.

„Затоа, имаме насока и  подготвеност да ги исцрпиме сите постојни домашни и меѓународни правни лекови,” додаде Лански.

Одлуката се однесува на концесијата Иловица 6 на компанијата, а концесијата Иловица 11 останува непроменета.