fbpx

Рудник во Иловица ќе нема, Владата го раскина договорот со „Еуромакс“

-

Владата го раскина договорот за рудникот Иловица, соопшти денес владината прес служба. Во соопштението се вели дека на вчерашната седница што се одржа во Куманово беше донесена одлука за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот  Иловица во општина Босилово.

Владата информира дека Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот Иловица, општина Босилово од 2014 година и Анексот на Договорот од 2015 година, еднострано се раскинуваат од страна на концедентот, бидејќи концесионерот нема поднесено барање со целокупна неопходна документација за издавање на дозвола за експлоатација на минерални суровини во рок од четири години по склучување на договорот за концесија за експлоатација на минерални суровини.

Со  оваа одлука, која стапува на сила ден по нејзиното објавување во Службен весник, престанува да важи и Одлуката за доделување концесија за експлоатација на минерална суровина–руди на бакар и злато на Друштвото за производство, промет и усуги ФЕЛПС ДОЏ ВАРДАР ДООЕЛ Скопје на локалитетот Иловица, општина Босилово од 2012 година.

„Благодарни сме на Владата што ги послуша граѓаните и нивните аргументи, ја препозна нивната автентичност, загриженост и револт во борбата за зачувување на животите и чистата животна средина и го раскина договорот за за рудникот Иловица-Штука. Им честитаме на граѓаните и активистите за нивната истрајност и пожртвуваност. Ова е круна на нашата повеќегодишна борба и е успешен пример, но и значаен симбол на граѓанскиот активизам и отпор – изјави Ѓорги Танушев од струмичкото граѓанско здружение „Здрава котлина“.

Струмичките екологисти истакнуваат дека со ова, зборот на премиерот Заев даден на граѓаните во југоисточна Македонија  е исполнет. За потсетување, премиерот го вети затворањето на таканаречените „рудници на смртта“ уште во претходната предизборна кампања во 2017 година, по што следуваше раскинувањето на концесискиот договор за рудникот Казандол во Валандово, но оттогаш неговите сограѓани во повеќе наврати и со протести го потсетуваа дека не сакаат да се отвори рудник во атарот на струмичките села Иловица и Штука.

Сепак, вели Танушев од Здрава Котлина, во струмичкиот крај остануваат многу еколошки проблеми и тие се сумирани во барањата на здружените еколошки оранизации „Зелен фронт“, која за овој петок најави голем граѓански протест.

– Конечната одлука на Владата е единствено можна и правилна. Истрајноста на активистите и жителите од селата беше пресудна и ова е голема победа на граѓаните над  бескрупулозните профитери и ќе значи многу за здравата животна средина во струмичкиот крај, но и поголема самодовербата на граѓаните дека можат да сменат нешто самите, без мешање на партиите, само доколку истраат во својата борба – вели Крум Велков, еден од еко-активистите кои ги организираа блокадите на влезот во рудникот Иловица летово.

Од компанијата „Еуромакс рисорсис“ за денес најавија соопштение во врска со одлуката на владата да го раскине договорот со нив. Компанијата веќе има поднесено тужба до Управниот суд откако Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен кон средината на октомври ја потврди одлуката на Министерството за економија да му се одбие барањето за дозвола за експлоатација на „Еуромакс“.

Раскинувањето на концесијата за Иловица беше едно од седумте приоритетни барања на обединетите граѓански здруженија организатори на еко-протестот обединети во „Зелен фронт“ до Владата како предуслов воопшто да еднат со власта на заедничка маса за преговори. Владата тогаш одговори дека го прифаќа барањето но дека ќе ја чека прво одлуката на Управниот суд.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...