ЕУ воведува забрана за продажба на нови бензински и дизел возила по 2035 година

Не само што го загадуваат воздухот, туку штетните гасови негативно допринесуваат и за климатски промени; Фото: Архива на Мета.мк

Во земјите-членки на ЕУ во периодот по 2035 година граѓаните нема да може да набават нови возила на погон на бензин и дизел гориво. Претставниците на Европскиот парламент и Европскиот совет вчера вечер го усогласија првиот договор за етапно намалување на емисиите на стакленички гасови во делот на транспортот, кои треба до 2030 година да ги намалат штетните емисии за 55 отсто кај новите автомобили и пет години подоцна, целосно да се укинат емисиите кои негативно влијаат на порастот на климатските промени, пишува Јуроњуз.

Оваа забрана ќе важи како за набавката на автомобили, така и за купувањето на бензински и дизел комбиња во рамките на ЕУ по 2035 година. Ваквиот драстичен чекор следи врз основа на актуелната состојба, во која транспортот учествува со 30 отсто од вкупните емисии на стакленички гасови на ниво на ЕУ, според податоците на Европската агенција за животна средина. Според податоците на ЕУ, транспортот е единствениот сектор во кој емисиите на стакленичките гасови се зголемуваат во изминатите 30 години.

Ваквата одлука од ЕУ наиде на реакции од екологистите и од автомобилската индустрија. Од Гринпис реагираа дека зададениот рок по 2035 година е премногу доцна за да се забрани продажбата на бензински и дизел возила, додавајќи дека оваа забрана во ЕУ треба да се воведе најдоцна до 2028 година. Еколозите од оваа организација тврдат дека во рамките на ЕУ нема доволна посветеност за климатска акција.

Наспроти ова, европските производители на автомобили одлуката на ЕУ ја оценија како исклучително далекусежна и без преседан. Од автоиндустријата велат дека самите земји-членки на ЕУ треба да ја забрзаат транзицијата кон нулта емисија на јаглерод диоксид, за таа да биде остварлива во реалноста.

„Сега сакаме да ги видиме рамковните услови кои се од суштинско значење за исполнување на оваа цел за да се рефлектираат во политиките на ЕУ. Тие вклучуваат изобилство на обновливи извори на енергија, беспрекорна приватна и јавна инфраструктурна мрежа за полнење и пристап до суровини“, реагираат од автомобилската индустрија.