Ескалација на судирот меѓу Ерменија и Азербејџан околу Нагорно-Карабах

Ноќеска дошло до ескалација на судирот меѓу Ерменија и Азербејџан во Нагорно-Карабах, а медиумите јавуваат за употреба на тешки митралези и минофрлачи долж граничната линија.

Министерствата за одбрана на двете земји си ја префрлаат вината, обвинувајќи се меѓусебе за ескалацијата на судирот.

Министерството за одбрана на Азербејџан денеска соопшти дека вооружените сили на Ерменија го прекршиле примирјето долж линијата за контакт и отвориле оган 127 пати во последните 24 часа. Во соопштението било наведено дека ерменската војска употребила минофрлачи и тешка артилерија.

Ерменското министерство за одбрана, пак соопшти дека на линијата за контакт дошло до „офанзива од другата страна“, во која биле употребени тенкови, артилерија и борбени авиони.

„Во тек се судири. Ерменската војска одговори со контранапад. Има жртви на двете страни, но, другата страна претрпе големи загуби во луѓе и техника, а еден азербејџански хеликоптер е соборен“, изјавил портпаролот на ерменското министерство за одбрана, пренесува „Спутник“.

Судирот меѓу Ерменија и Азербејџан почна во 1988 година, откако автономниот регион Нагорно-Карабах, со мнозинско ерменско население најави отцепување од Азербејџан.

Нагорно-Карабах прогласи независност во 1991 година, што предизвика војна меѓу двете земји, која траеше до 1994 година.