Екстремистите планираат слични напади како од 11 септември, тврди Белата куќа

Екстремистите планираат да изведат терористички напад, сличен на тој од 11 септември 2001 година, соопшти Елејн Дјук, вршител на должност министер за внатрешна безбедност на САД.

– Терористичката организација Исламска држава и други сакаат да извршат напади како тие од 11 септември. Како што покажуваат разузнавачките податоци, тие сакаат да соборат авион – рече Дјук во американската амбасада во Лондон.

Таа изјавила дека ИД во моментов е во преоден период, односно дека обезбедува финансии и се обидува да ја сочува бројноста, поради што спроведува помали планови.

Терористи од редовите на Ал каеда на 11 септември 2001 година киднапираа четири патнички авиони и извршија самоубиствени напади на Светскиот трговски центар во Њујорк, како и на Пентагон во Вашингтон. Четвртиот авион се урна во Шенксвил, Пенсилванија. Загинаа околу 3.000 лица.