Експлозија на нафтена постројка во Мексико – тројца загинати и 136 повредени

Три лица загинаа, а 136 се повредени во огромна експлозија во нафтена постројка на југоистокот на Мексико, соопштија претставници на државната енергетска компанија „Пемекс“, додавајќи дека поради инцидентот е наредена евакуација.

Огромен отровен сив облак од чад можел да се види како се надвива над постројката, позната како„Пајаритос“, во градот Коатсакоалкос во државата Веракруз. Поради експлозијата, која можела да се почувствува на оддалеченост од 10 километри, се евакуирани школите и деловните објекти.

Засега не е позната причината за експлозијата во постројката.

Мексиканскиот претседател Енрике Пена Нието на „Твитер“ објави дека владата ќе им помогне на повредените работници во квартовите во тоа подрачје.

Пожарите во нафтените постројки во Мексико се релативно честа појава.