Експанзијата на Елден Ринг најавена за 20 јуни, преднарачки може да се прават уште сега

Новата експанзија е долгоочекувана низ светот, па најавата за неа предизвика многу позитивни реакции. Особено внимание предизвика информацијата дека во експанзијата ќе има нова зона голема колку „Лимгрејв“ во основната игра

Исечок од играта. Извор: Иван Стојановски

Експанзијата на Елден Ринг „Shadow of the Erd Tree“ е најавена за 20 јуни, но преднарачки на Steam може да се прават уште сега. Ви ја препорачуваме основната верзија од 40 евра на играта, а не премиум изданието, затоа што единствени додатоци во второто се саундтрекот и дигитален артбук од играта, а нема други придобивки, освен тоа што со преднарачката ќе добиете само една нова гестикулација за Вашиот лик во играта.

Но тоа не е сѐ – има и опција за прескапо колекторско издание со фигура и книга.

Погледнете го трејлерот за експанзијата Shadow of the Erd Tree: 

За популарноста на Елден Ринг и колку всушност вреди играта, имаме повеќе написи што може да ги прочитате тука. Се работи за игра со многу хорор елементи, но херојството е сепак главната премиса на играта, иако повремено ликот ќе ви личи и на антихерој.

Секоја одлука во играта неочекувано ви отвара или исклучува можни опции без да ви даде предупредување за тоа, што е една од карактеристиките што ја прави толку добра. Повеќето луѓе играат само еден главен лик во оваа игра – можеби поради тоа што ликот можете да го менувате после одредена фаза, од неговиот изглед до класата. Значи, од магионичар може да стане мечувалец – целосно според ваш избор. Единствено не можете да го смените името на ликот.

Новата експанзија е долгоочекувана низ светот, па најавата за неа предизвика многу позитивни реакции. Особено внимание предизвика информацијата дека во експанзијата ќе има нова зона голема колку „Лимгрејв“ во основната игра. Во експанзијата ќе има повеќе опции за главни ликови за тепање кои ќе бидат со еднаква „тешкотија“ како Маленија – која е најтешкиот главен лик во оригиналната игра, иако е на споредно место во главната приказна.

Што се однесува до навестувањата дека Микела ќе биде главниот водечки лик – тие излегоа точни.

Што се однесува до техничките карактеристики, оваа игра не бара премногу силен компјутер – доволна е основна гејмерска машина. Оптимизацијата на играта е толку добра што нуди квалитет и графика како на PlayStation 5.