ЕК: Зголемен број е-услуги за граѓаните, но потребно е да се усвои Стратегијата за ИКТ

Да се обезбеди „целосна независност“ на регулаторот за електронски комуникации – АЕК, препорачува Европската комисија. Бројот на е-услуги што ги нуди владата е зголемен, но воглавно се состои од такви што ретко се користат од страна на граѓаните

Илустрација: Мета.мк

Северна Македонија е умерено подготвена во областа на дигиталната трансформација и медиумите. Постигнат е ограничен напредок кој се состои од благо зголемување на бројот на електронски услуги за граѓаните и бизнисите, наведува Европската комисија во Извештајот за напредокот на земјава во евроинтеграциите за 2023 година.

Европската комисија забележува дека државата годинава се приклучи кон Програмата за Дигитална Европа и дека услугите на европскиот број за итни случаи 112 беа дополнително развиени.

Сепак, остануваат препораките од минатата година кои се однесуваат на финализирање и усвојување на долгорочна Стратегија за информатичка и комуникациска технологија (ИКТ), усвојување на Национална стратегија за сајбербезбедност за 2023-2027 година, како и усогласување на националното законодавство со Европскиот кодекс за електронски комуникации, Директивата на ЕУ за намалување на трошоците за широкопојасен интернет, Директивата за безбедност на мрежни и информациски системи, како и 5Г алатките.

Комисијата препорачува и подобрување на функционирањето на бројот за итни случаи 112 со обезбедување на соодветни човечки ресурси, како и подобрување на комуникацијата меѓу службите за итни случаи.

Северна Македонија продолжи успешно да учествува во Дигиталната агенда за Западен Балкан и има корист од регионалниот договор за укинување на роамингот, забележува ЕК.

„Во согласност со целите на националниот оперативен план за широкопојасен интернет за 2019-2023 година, 5Г сигналот беше проширен во Скопје. Властите продолжија да спроведуваат активности вклучени во Националната стратегија за сајбербезбедност 2018-2022 година. Сепак, потребна е подобрена координација и меѓуинституционална соработка“, се наведува во извештајот.

Над 86% од домаќинствата имаат пристап до интернет, но само кај 2,5% е ултрабрз

Кога станува збор за електронските комуникации и информатичките технологии, нотирано е дека во 2022 година над 75 отсто од сите домаќинства имале пристап до фиксен широкопојасен интернет. Прифаќањето на мобилниот интернет се зголемило на 86,12 отсто.

Од друга страна, само 2,53 отсто од македонските домаќинства имале пристап до ултрабрз интернет.

Извештајот на Европската комисија забележува и дека Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) не собира податоци за пристап до интернет во училиштата, болниците и претпријатијата.

„Оваа агенција додели одобренија за користење на радиофреквенции за 5Г. Телеком операторите продолжија да инвестираат низ целата земја“, се вели во извештајот, каде се додава оти не е постигнат напредок во усогласувањето на правната рамка за електронски комуникации со правото на ЕУ.

Се препорачува засилување на усогласеноста со европскиот Закон за дигитални пазари, со цел да се обезбеди предвидливост за бизнис заедницата.

Комисијата забележува и оти македонскиот телекомуникациски пазар останува доминиран од двата најголеми мобилни оператори.

Во однос на дигиталната трансформација, комисијата подвлекува оти не е усвоена Стратегијата за ИКТ за 2021-2026 година и оти активностите за развој на дигиталните вештини треба да бидат изградени и поддржани со конкретни мерки.

Кога станува збор за сајбербезбедноста, се забележува дека Агенцијата за електронски комуникации го промовираше Центарот за одбрана на компјутерски инциденти. Вакви инциденти биле пријавени во 145 субјекти – државни институции, банки, здравствени установи, но и институции и организации кои делуваат во областа на енергетиката, транспортот и комуникациите.

„Потребна е подобра координација и меѓуинституционална соработка за сајбербезбедност и за зајакнување на капацитетот на Националниот совет за сајбербезбедност. Државните институции треба дополнително да ги зајакнат своите сајбер капацитети и инфраструктура“, пишува во Извештајот на Европската комисија.

ЕК смета дека треба да се обезбеди и „целосна независност“ на регулаторот за електронски комуникации – АЕК.

Недостигот на комуникациски софтвер – проблем за интероперабилноста

Надграден е националниот портал за е-услуги, се вели во извештајот. Сепак, бројот на дигитални услуги понудени преку владиниот е-портал останува скромен – 392 и главно е составен од услуги кои ретко се бараат и користат од страна на 96.940-те регистрирани корисници.

Забелешката за платформата за интероперабилност, пак, е дека, иако е зголемен бројот на институции поврзани со неа, повеќето од нив не ја користат поради недостиг на комуникациски софтвер.

„За да се модернизира и дигитализира јавниот сектор, сè уште се потребни повеќе напори и подобра соработка меѓу институциите. Квалитетот на податоците во регистарот на населението треба да се подобрува и континуирано да се проверува со други регистри“, пишува во извештајот.

Нотирано е дека е зголемено и онлајн купувањето, но кога станува збор за е-трговијата и дигиталната конкурентност, треба да се подобри собирањето податоци врз основа на индикаторите за дигитална економија и општество.