Едногласно изгласан законот за зголемување на минималната плата на 18.000 денари

Фото: Министерство за правда

Едногласно – со 90 гласови „за“ и ниту еден „против“ или воздржан, попладнево пратениците во Собранието ги изгласаа измените на Законот за минимална плата, со кои наместо 15.000 денари, минималната плата од април ќе изнесува 18.000 денари.

Се очекува со новото законско решение поголема плата да добиваат околу 80.000 работници.

Одлуката е донесена по три дена собраниска расправа, во која опозицијата и власта разменуваа критики и предлози.

Според новите одредби, усогласувањето на минималнaта плата ќе се прави според два критериума: 50 отсто од порастот на просечно исплатената нето плата во Република Северна Македонија во претходната година и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците на живот за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Додаден е и нов, трет критериум, според кој висината на минималната плата нема да може да биде пониска од 57 отсто од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика.