Едно лице е повредено и неколку згради се оштетени во експлозија во центарот на Атина

Фото: Принскрин - Твитер @sokolata_sketi

Едно лице е повредено, а неколку згради се оштетени од експлозија во центарот на Атина, што доведе до пожар рано изутрината, изјавија официјални лица и очевидци за грчките медиуми. Лицето кое се здобило со изгореници било пренесено во болница, изјави за ТВ Скај, Јоргос Матиопулос, шеф на Националниот центар за итна помош.

Експлозијата ги искрши прозорците и ги уништи фасадите на зградите долж главната сообраќајна артерија на авенијата Сингру, која го поврзува центарот на градот со јужните предградија, притоа оштетувајќи згради оддалечени до 200 метри.

Урнатините се натрупаа на улицата еден ден откако силното снежно невреме го зафати главниот град, попречувајќи го сообраќајот и блокирајќи илјадници луѓе.

Според официјални претставници на противпожарната бригада, засега не е јасно што ја предизвикало експлозијата или пожарот.

„Имаме пожар, пред кој имаше експлозија“, изјави на лице место командирот на противпожарната единица.

„Сè уште не знаеме што ја предизвикало, а има поголема материјална штета“, изјави претставник на противпожарната бригада за ТВ Скај.