Еден отсто од авионските несреќи се последица на самоубиства на пилотите

Копилотот на „Џерманвингс“, Андреас Лубиц, за кој се сомнева дека намерно се заклучил во кокпитот и го урнал авионот, убивајќи се себеси и сите патници во леталото, наводно минувал низ „емоционална криза“. Тој, како што јавуваат германските медиуми, пред неколку недели ја раскинал свршувачката со својата девојка, со која следната година требало да се ожени.

Лубиц во 2008 година на кратко ја прекинал обуката за пилот поради проблеми со депресија. Една година одел на психијатриско лекување, по кое сите психолошки тестови покажале дека е способен за летање.

– Неговите летачки способности биле без грешка. Бил способен да лета без какви било ограничувања – рече вчера директорот на „Луфтханза“, Карстен Спор.
Сепак, и по психијатриското лекување, Лубиц продолжил да прима психолошка помош сè до уривањето на авионот.

Судски извори од Дизелдорф соопштија дека германските истражители вчера извршиле претрес во куќата и во станот. Истражителите од објектите изнеле неколку кутии со материјали и компјутер.

– Пронајдовме траги кои сега ќе ги истражуваме. Не можеме да откриеме за што станува збор, но можеме да кажеме дека дојдовме до траги кои би можеле да објаснат зошто го забил авионот во планината – соопшти портпаролот на полицијата, Маркус Нискцери.

Доколку истрагата покаже дека психичкото здравје на пилотот е причина за уривањето на авионот, тоа нема да биде без преседан. Во 2014 година, за истражување на журналот „Авиејшн, спејс анд енвајорментал медицин“ анализирани се податоци собрани во период од 20 години за таканаречените „самоубиства со помош на авион“. Во периодот од 1993 до 2012 година, 24 од 7.244 авионски несреќи се смета дека биле намерно предизвикани од пилотот. Тоа е помалку од еден процент од вкупниот број несреќи, но, сепак, е доволно голем процент за да се покрене прашањето за стрес-факторите што влијаат врз менталното здравје на пилотите.

Пилотите на комерцијални авиони мора на секои шест месеци да одат на физички и на психички тестирања, доколку се постари од 40 години, или еднаш годишно доколку се помлади од 40 години, за да добијат дозвола да летаат патнички авион. Сепак, тестовите повеќе се фокусираат на физичкото отколку на менталното здравје, кое е многу потешко да се утврди.

– Се обидувате да утврдите дали пилотот е здрав, што не е лесно да се направи. Пилотот одговара на прашања со „да“ или со „не“ во врска со неговото ментално здравје, меѓу кои има и прашања од типот дали се обиделе да извршат самоубиство или дали посетиле психијатар. Тие одговараат со „да“ или „не“, што значи од нив зависи што ќе одговорат – вели за магазинот „Тајм“ Алпо Вуорио, авторот на студијата, додавајќи дека тестовите се прават на неколку различни локации и оти центрите немаат податоци за претходните тестови кои се направени на друго место.

Експертите велат дека пилотите најчесто не откриваат некакви емоционални проблеми, вклучувајќи и знаци на вознемиреност или депресија, затоа што поради нив нема да добијат дозвола да летаат.

Пилотите, исто како лекарите и полицајците и другите високо стресни професии, се добри во потиснување и во прикривање на емоционалните проблеми кои би можеле да им претставуваат пречка за нормално функционирање. Лекарите, задолжени за утврдување на менталното здравје на пилотите, велат дека не секогаш успеваат да ги препознаат суптилните знаци на депресија или алкохолизам.

Студијата за самоубиствата меѓу пилотите открива дека во периодот од 1983 година до 2003 година, 37 пилоти извршиле или се обиделе да се самоубијат со авион, а речиси сите од овие случаи завршиле фатално. Триесет и осум отсто од тие што се самоубиле имале психички проблеми, 40 отсто од нив имале проблеми со законот, а речиси половина, односно 46 отсто, имале домашни или општествени проблеми. Дваесет и четири отсто од пилотите кои се самоубиле имале проблеми со алкохолот, додека 14 отсто користеле недозволени лекарства, како што се антидепресиви и слично.