Image by Hans Braxmeier from Pixabay

Европската централна банка, ЕЦБ, соопшти дека очекува побавно закрепнување на економијата во еврозоната во однос на претходните очекувања и додава дека до 2023 година инфлацијата ќе биде далеку од предвидените 2 отсто.

„Сите предвидовме дека ќе има втор бран, но неговата длабочина и траење како и мерките за изолација не се на очекуваното, констатирано ниво“, изјави претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард.

После очекуваната длабока рецесија од 7,3 отсто за тековната година, епидемијата од корона вирусот во 2021 година ќе има поголемо влијание врз економијата од она што се очекуваше.

ЕЦБ предвидува раст на БДП во еврозоната од 3,9 отсто во 2021, што е за 5 отсто помалку во споредба со очекувањата во септември годинава. Затоа, ЕЦБ одлучи да ги засили мерките на поддршка на економиите. Како главна мерка е откупот на приватниот и на јавниот долг кој е продолжен до 2022 година и е зголемен за 500 милијарди евра, односно на 1.850 милијарди евра.

„ЕЦБ смета дека ќе успее да ги одржи поволните услови на финансирање на економијата и да го следи заздравувањето“, рече Лагард.

За 2022 година ЕЦБ ја зголеми прогнозата на раст на 4,2 отсто, во однос на 3,2 колку што предвидуваше во септември. Банката оценува дека инфлацијата во еврозоната годинава ќе изнесува само 0,2 отсто, во однос на 0,3 од прогнозите во септември. Предвидената инфлација треба да биде блиску, но помалку од 2 отсто. Напредокот ќе оди бавно, за да се оствари инфлација од 1,4 отсто во 2023 година, што ЕЦБ се обидува да го достигне од 2013 година наваму.

Намалената побарувачка, висината на платите и растот на вредноста на еврото, во однос на доларот, се главните фактори за намалување на инфлацијата која Лагард ја нарече „разочарувачка“.