Минимална плата од 477 евра или 933 лева, пензија од 300 евра. Граѓаните на Бугарија, земја која доби „црвен“ картон во извештајот на Европската Централна Банка за влез во Еврозоната, секојдневно се борат со ценовно цунами. Додека инфлацијата го „јаде“ животниот стандард, фокусот повторно е на политиката. Бугарија доби нова преодна Влада, пишува Порталб.мк.
Цените во продавниците и во рестораните „солени“
„Работев како возач во земјите од ЕУ повеќе од 20 години. Сега ја имам оваа продавница, главно за овошје, зеленчук, масло за јадење, и други прехранбени производи. Многу тешко се живее. Цените се зголемуваат. Платите бавно растат. Тешко е“, вели за Порталб средовечен сопственик на мал маркет во градот Благоевград. Вели дека стравот од натамошен ценовен удар се зголемува по најавите и обидите на Бугарија да стане дел од европската монетарна унија.
Цените на прехранбените производи во маркетите во Бугарија, како на млекото, месото, кафето, кондиторските производи, се повисоки во однос на Македонија. Така, 100 грама традиционално кафе чини 1,5 евра, 250 грама печурки во тегла се продаваат за 1,5 евра, 100 грама сладолед 1 евро, пире од домати (салце) – 500 грама чини скоро 2 евра.
Она што задава сериозен удар за стандардот се цените на основните прехранбени производи заедно со зеленчукот и овошјето. Литар масло за јадење чини 1,8 евра, додека килограм шеќер 1,5 евра. Килограм домат во продавниците се продава за дури 2 евра.
И цените на пијалаците во продавниците се повисоки во однос на Македонија. Па така, една лименка газиран пијалак чини околу 90 центи, додека половина литар негазиран сок се продава за околу 1 евро.
Сепак, цените на прехранбените производи варираат во зависност од градот, односно локацијата. Во маркетите и во рестораните во туристичките места цените се повисоки. Во рестораните, цената на порција салата се движи и до 10 лева односно 5,1 евро, порција паста и пица се продаваат за околу 5 евра, а порција супа чини 2,5 евра. Во кафетерија, кафе – фрапе се продава за 1,8 евра, а безалкохолен пијалак за скоро 3 евра.
Од друга страна, граѓаните кои примаат минимална и просечна плата велат дека сè потешко се живее поради високите цени.
„Имам минимална плата од 933 лева (477 евра). Тешко се живее само од плата, целата се троши на храна и на сметки“, вели вработен во општинско јавно претпријатие.
Во најновиот извештај на Европската централна бенка беше нотирано дека токму инфлацијата во Бугарија е една од главните препреки за оваа земја да стане 21-та членка на ЕУ монетарната унија.
„Земјите членки на Европската унија надвор од еврозоната постигнаа ограничен напредок во економската конвергенција со еврозоната од 2022 година. Цените во Бугарија растат со годишна стапка од 5,1 отсто, што е за 1,8 повеќе отколку што би требало да бидат за да се приклучат на валутната унија“, соопшти ЕЦБ со проценка дека инфлацијата најверојатно „постапно ќе се намалува во следните месеци“.
Британци и Украинци купуваат имот, Пакистанци работат
Ценовни шокови, поместувања на пазарот на труд и во бизнисот со недвижности. Граѓаните на Бугарија велат дека се соочуваат со големи проблеми и промени.
“Од 660 евра до 1.000 евра чини метар квадратен за изградени станови. Се нуди градежно земјиште по цена од над 130 евра за метар квадратен“.
Ова е еден од бројните огласи за продажба на недвижности во туристичкото Банско, една од најпосетуваните дестинации и за македонските граѓани. Пазарот со недвижности, според мештаните од Банско, доживува промени.
„Изминатите години, државјани на Британија и на Украина купуваат станови, апартмани тука во Банско“, вели вработена во продавница во Банско.
Една од агенциите за недвижности нуди стан од 43,74 метри квадратни за 28.900 евра, како и опремена куќа на два ката од 349.000 евра. Забележително е дека се нуди и земјиште за изградба на куќи и мини- станбени комплекси, а цената на земјиштето изнесува од 130 евра па нагоре, по метар квадратен.
Освен пазарот со недвижности, промени има и на пазарот на работна сила.
„Јас сум пензионерка, земам пензија од 300 евра. Морам да работам и по пензионирање. Сега сè е сменето. Нашите деца заминуваат во развиени земји, а кај нас доаѓаат работници од Пакистан“, вели пензионерка која работи во кујна во еден од хотелите.
Бугарија повторно доби преодна Влада на чело со Димитар Главчев. Политичките турбуленции ги ставија во втор план економските приоритети на земјата. Според одредени преценки, Бугарија би требало да стане дел од еврозоната следната година, а членството во монетарната унија, според истражувањето на Евробарометар, го поддржуваат 49 отсто од бугарските граѓани.