„Дизни“ отпушта 7.000 вработени

фото: Thibault Penin на Unsplash

Компанијата „Дизни“ планира да отпушти 7.000 работници за да ги намали трошоците. Извршниот директор Боб Игер ја објави веста вчера, наведувајќи дека овој потег е неопходен за да се одговори на предизвиците, пренесува „Врџ“.

Игер се надева дека со отпуштањата компанијата ќе заштеди 5,5 милијарди американски долари и ќе го направи стриминг-бизнисот на „Дизни“ профитабилен.

Седумте илјади лица што ќе бидат отпуштени, претставуваат 3,6 отсто од вкупниот број вработени на „Дизни“ во целиот свет.

Ројтерс пишува дека според планот за намалување на трошоците, компанијата ќе се преструктурира во три оддели – оддел за забава, кој опфаќа филм, телевизија и стриминг; оддел „ЕСПН“ фокусиран на спорт; и „Дизни“ паркови – искуства и производи.

Со оваа најава, „Дизни“ им се придружува на големиот број технолошки и медиумски компании во САД во напорите да ги намалат трошоците во предизвикувачката економска средина. Бројот на претплатници на стриминг сервисите се намалува, поради зголемената конкуренција, но и трошоците за живот.

Претходно, стотици вработени отпуштија и „Нетфликс“ , „Варнер Брос“ и „Спотифај“. Илјадници работни места, пак, укинаа технолошките гиганти „Мета“, „Гугл“, „Епл“, „Твитер“ и „Амазон“.

„Дизни“ претходно соопшти за првото квартално намалување на бројот на претплатници на услугата „Дизни +“, со што загуби повеќе од милијарда долари.