Компанијата „Мета“ укинува повеќе од 11.000 работни места

фото: Dima Solomin на Unsplash

Компанијата „Мета“ на Марк Закерберг соопшти дека ќе отпушти 13 отсто од својата работна сила, што претставува повеќе од 11.000 вработени. Ова претставува најголемо отпуштање годинава, откако матичната компанија на Фејсбук почна да се бори со зголемени трошоци и слаб рекламен пазар, јавуваат светските новински агенции.

Масовните отпуштања, пишува „Ројтерс“, кои се први од ваков вид во 18-годишното постоење на „Мета“, следат по илјадници укинувања на работни места во други технолошки компании како Твитер, чиј сопственик сега е Илон Маск, но и Мајкрософт.

Според Би-Би-Си, во изјавата Закерберг вели дека намалувањето на бројот на вработени е една од најтешките промени што биле направени во историјата на „Мета“.

„Бумот“ што ги зголеми приходите и вредноста на технолошките компании за време на пандемијата, сега се соочува со децениски висока инфлација и брзо зголемување на каматните стапки.

„Не само што онлајн трговијата се врати на претходните трендови, туку и макроекономскиот пад, зголемената конкуренција и загубата од рекламите предизвикаа нашите приходи да бидат многу помали отколку што очекував“, напишал Закерберг во пораката до вработените, додавајќи дека погрешил и дека ја презема одговорноста за тоа.

Акциите на „Мета“ загубија две третини од својата вредност од почетокот на годината. Под капата на оваа компанија, покрај Фејсбук, се и Инстаграм и Вотсап.

Закерберг е дел од неколкуте главни извршни директори во САД кои годинава предупредија на претстојна рецесија.

„Ројтерс“ пишува дека за дел од проблемите е виновна самата компанија, поради скапото обложување на метаверзумот кој треба да претставува виртуелен свет и за кој компанијата предвидува трошоци од 100 милијарди долари за 2023 година.

„Мета“ се бори со силна конкуренција од ТикТок и со промените во приватноста кои ги прави „Епл“, а истовремено е на удар на регулаторите ширум светот.