„Гугл“ ги следи конкурентите, ќе отпушти 12.000 вработени

Photo by Pawel Czerwinski on Unsplash

Технолошката компанија „Гугл“ ќе укине 12.000 работни места, кои следат по серијата отпуштања што ја погодија технолошката индустрија во изминатиов период, пишува Би-би-си. Извршниот директор на „Гугл“ и „Алфабет“, Сундар Пичаи во мејл испратен до вработените најави дека презема целосна одговорност за намалувањето на бројот на вработени лица.

Кратењата ќе влијаат на 6 отсто од работната сила на „Алфабет“ ширум светот, а меѓу отпуштените лица се и вработени од тимовите за регрутирање и инженерство.

Ваквиот потег на „Гугл“ доаѓа само неколку дена откако „Мајкрософт“ објави дека ќе скрати 10.000 работни места, а пред неколку неколку недели и „Амазон“ објави кратење на 18.000 работни места.

„Иако оваа транзиција нема да биде лесна, ние ќе ги поддржиме вработените додека ја бараат нивната следна можност“, изјави директорот на „Гугл“ и „Алфабет“, Сундар Пичаи.

Тој најави отпремнини за вработените во САД, кои ќе добијат најмалку 16 недели плата, нивните бонуси за 2022 година, платени одмори и шест месеци здравствено осигурување.

Тој рече дека останува „оптимист за нашата способност да ја исполниме нашата мисија, дури и во нашите најтешки денови“.

Волстрит го поздрави кратењето на работните места, пишува Би-би-си, бидејќи акциите на „Алфабет“ по најавените отпуштања, поскапеле за 3,5 отсто во електронското тргување пред отворањето на берзата.

Според технолошкиот сајт Layoffs.fyi, речиси 194.000 вработени во овој индустриски сектор ги загубиле своите работни места во САД од почетокот на 2022 година, не вклучувајќи ги оние што ги објави „Алфабет“ денеска.

Компаниите „Хјулит Пакард“ и „Сејлсфорс“, исто така, за овој месец најавија големи намалувања на бројот на вработени лица, бидејќи неконтролираната инфлација и зголемените каматни стапки го забавија растот.

Воедно, американските технолошки гиганти се наоѓаат под лупа во Европската Унија, која почна да спроведува европски регулативи за да ги спречи да избегнуваат плаќање данок, да го спречи задушувањето на конкуренцијата и да го спречи профитирањето од вестите без да се платат истите, како и да го спречи ширењето на дезинформации и омраза.