Централната лабораторија за животна средина се акредитираше за пет нови методи

Фото: ДИЖС

Централната лабораторија за животна средина на Министерството за животна средина се акредитираше за пет методи за испитување на отпадните води. Како што информираат од Министерството, акредитацијата на лабораторијата е проширена со сертификати за уште пет нови методи за мерење на параметри со кои се определува квалитетот на отпадните води за количество на амониум јони, сулфати, хлорид, вкупен фосфор и фосфати.

Бројот на акредитираните методи на Централната лабораторија во моментов изнесува 12, од кои една е за бучава, а останатите се за води. Минатата година лабораторијата се акредитираше за тестирање на шест методи за квалитет на вода откако го доби сертификатот за системот за квалитет според стандардот ISO 17025 за акредитирана лабораторија од Институтот за акредитација.

Од Министерството информираат дека во подготовка се и акредитациите за методите за испитување на квалитет на воздухот.

„Централната лабораторија веќе го набави инструментот хориба за мерење на емисии на гасови од стационирани извори, а во тек е процедура за екипирање и обучување на кадар за ракување со инструментот, по што ќе се премине кон акредитирање и на методи за емисија на гасови од стационирани извори“, информираат од Министерството.

Мета.мк веќе пишуваше дека пред набавката на новиот инструмент за мерење на емисии од стационарни извори, Централната лабораторија минатата година, набави уште еден инструмент за детекција и анализа на Black carbon во фракции на PM10 и PM2.5. Со него се овозможи анализа на концентрации на тешки метали во фракциите на PM10 честичките, за да се утврдат главните сектори на загадувањето, индустријата, транспортот, домаќинствата и други извори, со што надлежните институции ќе можат да направат приоретизација на мерките за намалување на аерозагадувањето.

Акредитирањето на Централната лабораторија за мерења на емисиите во воздухот беше едно од најчесто повторуваните барања на еколошките организации со цел да се помогне во работењето на Државниот инспекторат за животна средина во документирањето на случаите на аерозагадување. Лабораторијата постои повеќе од четири децении, а во составот на Министерството се наоѓа уште од неговото основање во 1995 година.

Сепак, Мета.мк пишуваше дека нејзините мерења на разни параметри на загадувањето досега не можеа да се сметаат за цврст доказ, посебно во судските постапки против загадувачите и таа досега не беше во функција на инспекцијата за животна средина во документирањето на случаите на аерозагадување.