Божилов: Сите тврдења дека камионот со експлозивот минал преку Бугарија се дел од руската хибридна војна

Фотографија од Кримскиот мост од 3 мај 2021 година | Фото: Alexxx1979, CC BY-SA 4.0, Викимедија комонс

Речиси сите бугарски медиуми ги пренесоа руските обвинувања – дека експлозивното средство со кое беше кренат во воздух Кримскиот мост, било замаскирано во полиетиленска фолија, на вкупно 22 палети, со вкупна тежина од 22 тони, и од Одеса товарот бил испратен за бугарското пристаниште на Дунав, Русе. Ова се случи откако Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија обвини дека несреќата, односно „експлозијата“ на Кримскиот Мост, е наводно дело на украинските служби.

Ваквите руски тврдења се недокажливи, а со ваквото известување бугарските медиуми, всушност се вклучија во рускиот „хибриден напад“, вели Јордан Божилов, поранешен заменик министер за одбрана на Бугарија и актуелен директор на Софискиот форум за безбедност, во интервју за бугарскиот онлајн-медиум mediapoool bg.

„Вмешувањето на Бугарија во експлозијата на Кримскиот Мост е однапред смислено и има за цел да докажува дека зад експлозијата стојат странски држави, главно членки на НАТО, бидејќи една од тезите на руската пропаганда е дека НАТО војува против Русија. Сите подметнувања од типот ‘камионот со експлозивот минал преку Бугарија’ се елемент од руската хибридна војна и ние се поведовме по тоа“, вели Божилов.

Тој посочува дека сега Русија е изолирана земја, на чија територија има протести и незадоволство, дека ситуацијата во Украина не е поволна за Русија, па на Русија ѝ се неопходни вакви експлозии, симболични чинови, коишто ќе ги користи за поткрепување на својата пропаганда.

Во интервјуто за mediapoool bg, Божилов вели дека Бугарија нема сврзаност со експлозијата и тоа веднаш требало да го порачаат бугарските институции.

„Тоа е контекстот во кој е ставена Бугарија. Јас категорично сметам дека Бугарија нема никава поврзаност со целата ситуација“, вели Божилов.