Битолчани сè почесто колабираат пазарувајќи на зелените пазари

Жештините удрија по здравјето на битолчани. Лекарите од итната медицинска помош имаат полни раце работа, особено во пазарните денови, вторник и петок, кога рзадвиженоста на граѓаните е поголема.

Според лекарот Милутин Василев од Итната медицинска служба во Битола, граѓаните најмногу колабираат кога се на отворено и се подолго време изложени на сонце.

Повозрасни, но и млади губат свест пазарувајќи на градскиот зелен пазар, а сè почесто колабираат и продавачите на зелениот пазар.

Последните неколку дена Итната медицинска помош регистрирала преку 250 интеревенции, најчесто поради намален крвен притисок и стомачни проблеми.

– Во Битола се пазарни денови вторник и петок и тогаш, како непишано правило, имаме зголемен број интервенции. Колабираат и тие што пазаруваат и тие што продаваат. По 5-6 часа изложеност на сонце, и тезгеџиите едвај издржуваат. Затоа препорачуваме по 11 часот да не се излегува од дома, особено за хроничните болни. Пазарувањето може да продолжи по 17 часот – вели доктор Василев.

Овие денови зголемен е и бројот на интервенции поради убоди од инсекти и алергии, вели доктор Василев, напоменувајќи граѓаните кои се подложи на алергии да се воздржуваат од јадење овошје кое содржи силни алергени, како праски и малини.

А.Б.