Без напредок во усвојување нови закони кои произлегуваат од поглавјето за животна средина и климатски промени

Извештајот во сенка за поглавјето 27 се подготвува трета година по ред, а препораките во многу од под-поглавјата институциите го гледаат како корисно согледување на она што треба да се подобри

Фото: Еко свест

Напредокот во усогласувањето на националното законодавство со европското сè уште се одвива бавно, а во последната година скоро и да нема напредок во усвојување на нови законски прописи кои произлегуваат од поглавјето за животна средина и климатски промени. Потребно е да се усвојат сите закони и навремено да се транспонираат ЕУ регулативите, што е особено значајно за Поглавјето 27 со цел подобрување на состојбите во животната средина и климата.

Ова беа главните забелешки од граѓанските организации – членки на националната коалиција за клима, кои во рамки на Платформа 27 ги презентираа како дел од напредокот во реализација на Поглавје 27 кој се одржа вчера во Europe House во Скопје.

Заменичката амбасадор на Шведска, Елисабет Далберг Фриск ја поздрави оваа корисна и конструктивна оцена и критика во полето на животната средина и климата и порача дека истата може на носителите на одлуки да им помогне да ги фокусираат и насочат своите напори, а воедно и да ги информира партнерите како ЕУ, Шведска и меѓународните финансиски институции за тоа каде има потреба од дополнителна поддршка.

Извештајот може да служи како алатка за самоорганизирање и изнаоѓање на информирани решенија од страна на самиот невладин сектор.

Извештајот во сенка за поглавјето 27 се подготвува трета година по ред, а препораките во многу од под-поглавјата институциите го гледаат како корисно согледување на она што треба да се подобри. Во најновиот извештај беше истакнато дека оценките за влијание врз животната средина мора целосно да се усогласат со директивите на ЕУ и да има навремено и видливо објавување на сите информации поврзани со овие документи. Мора да се обезбеди ефикасно и ефективно учество на јавноста во донесувањето на одлуки од значење за животната средина и климатските промени.

„Граѓанските организации се очите и ушите на терен, тие се оние кои забележуваат несоодветна имплементација, кога и дали нешто функционира во пракса или не, а институциите можат да добијат многу корисни информации од граѓанскиот сектор за тоа дали и колку законите се имплементиираат и кои се проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Кога се слуша овој глас, штетите можат да се избегнат или корегираат на време и да се поправи состојбата пред да предизвика поголема штета. Главната причина зошто го работиме ова е да го заштитиме интересот на граѓаните, да го заштитиме чистиот воздух, вода и почва“, рече Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.

Во законот за климатска акција како сектор кој навлегува во многу сектори кои се и надвор од животната средина и климата, мора да постојат одредби за оценка на спроведување на законот и подзаконските акти и тоа да се прави на одреден временски период за да се обезбеди соодветна имплементација но и усогласување на климатските политики со акциските планови и програми во релевантните сектори.

„Работевме многу на подобрување на нашите капацитети и проширување на мрежата, а во иднина планираме и соработка со локалните организации од кои треба да црпиме информации за локално ниво се со последниот извештај во сенка ќе биде многу подетален и поопширен“, рече Бојана Станојевска Пецуровска од Центар за климатски промени.

Имплементацијата на законите кои веќе се донесени може да се олесни со искористување на постоечките капацитети и ресурси со кои располага граѓанскиот сектор, а институциите да извлечат бројни придобивки од соработката, беше заклучено на вчерашниот настан.

Настанот се одржува како дел од проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ поддржан од Владата на Шведска.