Бејли: Важно е сите, особено младите, да гласаат на изборите во САД и во Македонија

Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Македонија, Џес Бејли, ги повика сите граѓани со право на глас, особено младите, да излезат и да гласаат на претседателските избори во САД и на предвремените парламентарни избори во земјава, закажани за 11 декември.

Бејли ваквата порака ја испрати за време на вчерашната посета на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, каде разговараше со студентите за изборите во САД.

„Во разговор со студентите од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола вчера, истакнав дека е потребно секој да учествува и да гласа, особено младите луѓе, на изборите во САД и во Македонија“, твитна денеска Бејли.

Пратениците вчера со 110 гласови „за“ и ниту еден против го изгласаа распуштањето на Собранието, а денеска претседателот на законодавниот дом, Трајко Вељаноски, ќе ги распише изборите на 11 декември.

Претседателските избори во САД ќе се одржат на 8 ноември, а во трка за Белата куќа се поранешната државна секретарка, Хилари Клинтон, како кандидат на демократите, и милијардерот Доналд Трамп, кандидат на републиканците.