Фото: Принтскрин, ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот и член на Извршниот комитет на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, според објавата на порталот „А1он.мк“, во Германија бил осуден за сторени кривични дела „добивање придобивки со измама“ и „кражба и злоупотреба од мала вредност“. Медиумот објавува и документ како доказ во кој, според објавата, на германски јазик се наведува дека Милошоски бил осуден на 20 дневни глоби со парична казна од 20 евра.

Опозицискиот пратеник во одговор на новинарско прашање на оваа тема, денеска изјави дека станува збор за спинови, за дезинформации и за дефокусирање и замајување на јавноста за да се избегнало од реалните теми на дискусија за „хибриден режим, корупција и голема невработеност“.

„Би сакал уште еднаш да го повторам она што го кажав денес значи СДСМ е партија која што во својата основна дејност изминативе седум години прави афери преку фалсификувања“, изјави пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија СДСМ денеска побараа оставка од Антонијо Милошоски од функцијата, потенцирајќи дека ништо не се менува во ВМРО-ДПМНЕ кои лицемерно шират невистини и се обидуваат да ги излажат граѓаните.

„Тие не разбираат дека политичарите имаат обврска и одговорност пред граѓаните и затоа Милошоски, најмалку што може да направи, е да се извини и да си поднесе оставка“, се вели во соопштението на СДСМ.