Антиваксерска објава големата кашлица и вакцините и ги поврзува со прскање од авиони

Тимот на „Вистиномер“ неколкупати досега пишуваше дека белите траги од авионите не значат дека населението се прска со отрови, ниту пак, со болест, како што е уште едно неточно тврдење во оваа објава

Photo by Dylan Hunter on Unsplash

Во објавата се тврди дека секој којшто ќе ја прими вакцината против пертусис ќе го добие вирусот, како што наводно било случајот и со коронавирусот. Целта на ваквите антиваксерски тврдења е неосновано да се заплашува населението и да избегнува вакцини, иако тие го заштитуваат индивидуалното и колективното здравје, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук шири неколку неточни тврдења за големата кашлица, вакцините, и сето ова го поврзува со наводно прскање од авиони. Оваа објава, преку ширење на дезинформации, оди во прилог на антиваксерската кампања и предизвикува страв, паника и несигурност во јавноста.

Денес чув:

Ќе имало вакцини против Pertusis, голема кашлица и за возрасни

Као Ковидот кој ќе прими вакцина веднаш ја добива

Абе здравството забега тоталка

Од милион и пол народ 100 луѓе имале и не се баш за сите сигурни и АЈДЕ СИТЕ СО ВАКЦИНИ И КАРАНТИНИ

ОСТАЈТЕ ГО НАРОДОТ НА РААТ И РЕШАВАЈТЕ СИ ГИ ПРОБЛЕМИТЕ КОИ СЕ МИНИЈАТУРНИ.

И КАО ПРВО, ОСНОВНО ЗАБРАНЕТЕ ПРЕЛЕТИ НА АВИОНИ КОИ ПРСКААТ АЛУМИНСКА ПРАШИНА, ХЕМТРЕЈСИ КОИ СЕ ДОКАЖАНИ НА СВЕТСКО НИВО.

Појавата на пертусис, заборавената болест таканаречена голема или магарешка кашлица, и прогласувањето на епидемија на територијата на Град Скопје, ги активираше теориите на заговор кои што се шират на социјалните мрежи за потеклото и начинот на пренесување на одредени вируси и болести како и за вакцините.

Во објавата којашто е предмет на оваа рецензија се тврди дека само 100 лица ја имале оваа болест и дека и тие не биле сигурни. Ова не е вистина. Вкупно 173 случаи на голема кашлица се евидентирани во земјава согласно последните информации на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од нив најголем дел, дури 151 случај, се потврдени во главниот град. Но, не е важна само бројката на моментално заболените лица, која што секојдневно се менува. Големата кашлица зема замав, а најголем проблем е што бројот на невакцинирани деца е голем, а болеста е многу заразна. Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) соопштија дека 50 отсто од децата кои одат во градинките во Скопје се невакцинирани со ДиТеПер или се нецелосно вакцинирани.

Пертусисот или големата кашлица е многу заразна болест која се пренесува од болно на здраво лице со капки од респираторниот секрет кои се ослободуваат со кашлање и кивање за време на катаралната фаза на болеста, кога болните се најзаразни за нивната околина, како и во првите две недели по појава на кашлање. Поретко, предизвикувачкиот агенс може индиректно да се пренесе преку свежо контаминирани предмети од околината на болното лице.

Исто така, во објавата неточно се тврди дека сите треба да се вакцинираат и дека има карантини. Комисијата за заразни болести соопшти дека од 15 март се очекуваат и вакцини против пертусис за возрасни. Тие ќе бидат наменети само за возрасните што живеат во семејства со деца под 2 години, вработените кои работат со деца под 2 години, како и жените бремени во третиот семестар од бременоста. Карантин за ова заболување не е предвидено туку е предвиден период на изолација на заболени лица кој трае пет дена по започнување на антибиотски третман. А одлука за карантин, местото на карантинот и времетраењето на карантинот донесува министерот за здравство на предлог на Комисијата за заразни болести, што не е случај со ова заболување.

Во објавата се тврди дека секој којшто ќе ја прими вакцината ќе го добие вирусот, како што било случајот и со коронавирусот. Ова не е точно и целта на ваквите антиваксерски тврдења е неосновано да се заплашува населението и да избегнува вакцини коишто го заштитуваат индивидуалното и колективното здравје.

Секоја вакцина содржи мало количество или делови од микроби (вирус или бактерија) што ја предизвикуваат болеста. Меѓутоа, за разлика од живите микроби, од вакцините детето не може да се разболи, бидејќи во нив микробите се умртвени или многу ослабени. Дополнителните хемиски состојки (конзерванси и стабилизатори) кои ги содржат вакцините имаат важна улога за нивната безбедност и ефективност, помагајќи да се зајакне имунолошкиот одговор, односно им помагаат на вакцините подобро да функционираат.

Вакцините се производи кои обично се даваат во детството за заштита од сериозни, често смртоносни болести. Тие му помагаат на вашиот имунолошки систем поефикасно да се бори против инфекциите со тоа што ќе го поттикнат вашиот имунолошки одговор на одредени болести. Потоа, ако вирусот или бактеријата некогаш го нападне вашето тело во иднина, вашиот имунолошки систем веќе ќе знае како да се бори против него.

Тимот на „Вистиномер“ неколкупати досега пишуваше дека белите траги од авионите не значат дека населението се прска со отрови, ниту пак, со болест, како што е уште едно неточно тврдење во оваа објава. Оваа теорија на заговор е позната како „кемтрејлс“, според која влади и разни други неименувани фактори од разни држави, се ангажирани во тајна програма за распрскување отровни хемикалии во атмосферата со помош на авиони. Според заговорниците, долготрајните траги на небото што остануваат по прелетувањето на некои авиони се исполнети од хемикалии и кога тие ќе паднат на земјата, предизвикаат здравствени последици по сите граѓани. Главниот аргумент што поборниците на оваа теорија на заговор се обидуваат да го претстават како доказ, се трагите што зад себе ги оставаат авионите, иако станува збор за обична физичка појава на кондензација, а не заговор против човештвото и тајна програма за распрскување отрови.

Според сите набројани факти можеме да заклучиме дека оваа објава споделува повеќе тврдења коишто се невистинити и предизвикува штета по индивидуалното и колективното здравје на населението.