АХВ: Пирошките што затруја свадбари се правени нелегално над објектот на фирмата

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), вчера доцна попладне заплениле 300 килограми смеса за подготовка на пирошки, како и пирошки и јајца, во простории над операторот за храна ДПТУ „Гицов“ ДООЕЛ од Кочани, кој на 25 април беше затворен од страна на АХВ и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по труење на 20-тина лица во Штип од пирошки.

И новите труења на свадбари викендот во Кочани и Кочанско, според АХВ се предизвикани од пирошките што овојпат се произведувале нелегално, во домашни услови.

„Со одземањето, спречувањето на нелегалното подготвување и дистрибуирање на небезбедните пирошки и нивно нештетно уништување под надзор на инспектор за храна, затворена е истрагата за овој случај на труење со храна, за што сторителот на делото ќе биде прекршочно и кривично гонет од страна на надлежните државни органи. Агенцијата за храна јавно се заблагодарува на граѓаните за дадената соработка при решавањето на овој случај“, порачаа од АХВ.