Ставање во промет на небезбеден производ, недоследности во однос на хигиената, немање санирани книшки за вработените, недеклариран производ, чување на храна ва амбиентална температура. Ова се само дел од неправилностите кои ги регистрирале инспекторите за храна изминатава недела кај оператори со храна, вклучувајќи го главниот град, поточно, пазарот Бит Пазар, познатата Пластичарска улица и старата скопската чаршија, како еден од најпосетуваните туристички дестинации во Скопје. Неправилности се регистрирани и во Охрид.
„Контроли беа спроведени кај 62 оператори – кафе барови, ресторани, гостилници, сендвичарници, пекарници, слаткарници бурекџилници, ќебапчилници, месарници и чајџилници. Вонредни контроли во Скопје минатата недела беа спроведени и кај оператори кои се занимаваат со трговија на производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храната. Надзори се спроведени кај десеттина оператори и еден магацин за оваа категорија производи. Со контролите најдени се оператори со нерегистрирана дејност при што е наложено нивна регистрација“, информираат во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Во тридневните спроведени вонредни контроли, инспекциските служби на АХВ издале 33 решенија за утврдени недоследности, а изрекле и 14 парични казни.
„Покрај ова изречени се и мерки за забрана за вршење на дејност до
исполнување на условите, наредено е регистрирање на нерегистрираните
оператори со храна, а како небезбедни уништени се 640 килограми храна од животинско потекло. Инспекциските служби на АХВ во петокот спроведоа надзор и во месарница во туристичкиот центар Охрид. Поради нечитка декларација и пласирање на небезбеден производ на пазарот, нештетно се уништени 10,7 килограми смеса од мелено месо. На правното лице изречена му е глоба од 1.000 евра, а на одговорното лице во правното лице дополнителни 400 евра казна“, се вели во соопштението на АХВ.
Во првите 6 месеци од годинава во внатрешниот промет, инпекторите спровеле 24. 335 инспекциски контроли. Изречени вкупно 2.433 инспекциски мерки. Уништени 37,6 тони и 13.654 литри небезбедна храна. Во АХВ додаваат дека во моментов во тек е спроведување на вонредни контроли во угостителските објекти во целата земја.