Ахмети на средбата со амбасадорот Бејли: Да се почитува договорот од 2 јуни

Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, денеска се сретна со амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли, во седиштето на партијата во Тетово, на која, како што соопштуваат од ДУИ, разговарале за политичката криза по разговорите во Брисел.

„Претседателот Ахмети истакна дека договорот од 2 јуни треба да се почитува од сите потписници и треба да се прават напори за прецизно спроведување. Договорот предвидува зајакнување на институциите и зголемување на кредибилитетот и на интегритетот на системот што е услов, но и европски стандард. Партиските лидери треба да се надминат себеси и партијата што ја претставуваат и да почнат да размислуваат за земјата, граѓаните и за иднина“, стои во соопштението од ДУИ.

Во врска со објавувањето на прислушуваните разговори, во соопштението се вели дека „лидерот Ахмети останува на истиот став, но разговорите не смеат да бидат намерно извлечени од контекст и да се опишат со непостоечки атрибути бидејќи на тој начин се менува суштината и значењето на разговорот“.

„Токму ваквото толкување носи сомнеж врз кредибилитетот на процесот кој може да се користи за политички цели“, велат од ДУИ.