Милан Радоичиќ пуштен од притвор, обвинителството најави жалба

Во соопштението на Вишиот суд во Белград се вели дека нему привремено му е одземен пасошот и дека е предупреден дека може да му се одреди мерка притвор доколку ги прекрши забраните. Исто така, тој задолжително секој 1. и 15. во месецот мора да се јавува во надлежната полициска станица

Извор на фотографии: Косовска полиција и Petrit Rrahmani - https://kryeministri-ks.net/en/prime-minister-haradinaj-hosted-the-president-and-vice-president-of-the-serbian-list/, Public Domain, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=138138956

Судија на претходна постапка од Вишиот суд во Белград денеска, по сослушувањето на Милан Радоичиќ, го отфрлил предлогот на Вишото јавно обвинителство да му одреди притвор поради опасност од бегство, јави РТС.

Вишото јавно обвинителство вчера побара притвор за Радоичиќ (45), и најави жалба на одлуката на Вишиот суд.

Судот на Радоичиќ му изрекол мерка забрана за напуштање на местото на живеење, како и забрана да ја напушти територијата на Србија и забрана за влез во Косово.

Во соопштението на Вишиот суд во Белград се вели дека нему привремено му е одземен пасошот и дека е предупреден дека може да му се одреди мерка притвор доколку ги прекрши забраните. Исто така, тој задолжително секој 1. и 15. во месецот мора да се јавува во надлежната полициска станица.

Тој вчера беше сослушан во Вишото јавно обвинителство во Белград, четири дена откако неговиот адвокат Горан Петронијевиќ објави дека тој ја презел одговорноста за организацијата и нападот во Бањска на северот на Косово. Радоичиќ ги негирал обвинувањата.

Обвинителството го товари дека како водач на група со повеќе непознати лица, со општо опасна постапка предизвикал опасност по животот на луѓето во Бањска.

Во врска со крвавиот инцидент е и второто обвинение, дека од јануари до 24 септември оваа година од Тузла набавувал оружје, муниција и експлозивни средства, кое му било испорачувано на пошироката територија на Белград, а од таму го пренесувал на неутврдени локации на територијата на Косово и Метохија. Оружјето е употребувано во инцидентот во Бањска.