Меѓународната заедница со остра осуда за насилствата во Звечан на Косово

Mинистерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани изјави дека за време на судирот биле повредени 11 припадници на италијанскиот КФОР

Фото: KoSSev

По денешниот судир меѓу Србите и КФОР пред зградата на општината во Звечан во кој се повредени десетици граѓани и 25 припадници на КФОР, со своја реакција излегоа странските амбасади во Приштина и меѓународните претставници, објави KoSSev. Тие во своите соопштенија ги осудуваат, пред сè, нападите врз припадниците на КФОР, но и врз поединечни новинари кои известуваа денеска од Звечан. Mинистерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани изјави дека за време на судирот биле повредени 11 припадници на италијанскиот КФОР.

Илјадници граѓани во три северни општини, како што беше соопштено синоќа, во раните утрински часови се собраа пред општинските згради, кои во петокот ги заземаа силите на специјалната косовска полиција.

На почетокот на протестот, демонстрантите се обидоа да влезат во општинската зграда во Звечан, но косовската полиција ги растера со употреба на солзавец.

Од тој момент, КФОР ја контролираше ситуацијата и посредуваше во преговорите меѓу Србите и припадниците на косовската полиција.

Потоа претставниците на Српската листа разговарале со припадниците на КФОР и ги повториле условите под кои ќе се повлечат демонстрантите, а тоа е напуштање на зградата од страна на специјалните сили на косовската полиција, како и нивно повлекување од целиот Север на Косово

Потоа, мисијата КФОР излезе со соопштение во кое ги повика сите страни да се воздржат од потези кои можат да поттикнат тензии и да предизвикаат ескалација.

Ескалацијата, сепак, се случи малку подоцна. Беше фрлен солзавец. КФОР побара да се ослободи преминот за возилата на специјалната единица на косовската полиција да го напуштат местото пред општината, што Србите не го дозволија и покрај повиците на Српската листа, а потоа почнаа насилно да ги туркаат луѓето, вклучително и новинарите кои беа во првите редови.

Фрлени беа шок бомби, солзавец, како и камења и шишиња. Се слушнале истрели од огнено оружје, како и детонации, а повредени се припадници на КФОР, а од друга страна во КБЦ во Косовска Митровица помош побарале 52 лица, од кои еден е во животна опасност.

Повреден е и новинар на Танјуг, а неколку новинарски екипи денеска пријавиле различни видови напади врз нивни членови.

„Нападите врз членовите на КФОР и новинарите се неприфатливи“, изјави британскиот амбасадор во Приштина, Николас Абот.

Истовремено, тој повтори дека е неопходно веднаш да се преземат активности за деескалација на ситуацијата, како и за намалување на тензиите.

Дека е неопходно да се преземат активности за деескалација на ситуацијата, повтори и неговиот американски колега Џефри Ховениер, кој истовремено најостро го осуди денешниот инцидент.

„САД силно ги осудуваат насилните дејствија на демонстрантите денеска во Звечан, вклучително и употребата на експлозиви против членовите на КФОР“, напиша Ховениер на Твитер.

„Секоја насилна акција против членовите на КФОР и новинарите е апсолутно неприфатлива и мора веднаш да прекине“, изјави германскиот амбасадор Јерн Роде.

Тој исто така додаде дека има „итна потреба од деескалација“, а на повредените им посака брзо закрепнување.

Министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани, разговараше со премиерот на Косово, Албин Курти, при што повтори дека „сегашното време бара смирување на ситуацијата на северот на Косово“.

„Сакам да изразам солидарност со војниците на КФОР кои беа повредени на Косово за време на судирот меѓу српските демонстранти и косовската полиција“, напиша Тајани на Твитер, додавајќи дека италијанската армија продолжува да се залага за мир.

Шефот на Канцеларијата на ЕУ во Приштина, Томаш Суњог, ги осуди нападите врз членовите на КФОР, како и врз поединечни новинари.

„ЕУ во Косово силно ги осудува насилните акции на демонстрантите денеска во Звечан, вклучително и употребата на експлозиви против членовите на КФОР кои го чуваат мирот“, напиша тој на Твитер и повика на итен прекин на насилството, како и на деескалација на тензиите.

Тој, исто така, го осуди денешното оштетување на автомобилот на новинарите од Калзо и РТВ Дукаџини и рече дека „иако безбедносната состојба на северот е тензична и тешка, на новинарите мора да им се дозволи да ја вршат својата работа без страв за нивната безбедност“.

КФОР и српското население се судрија денеска пред општината Звечан откако новите градоначалници во петокот влегоа во општинските згради во четири општини на Северот на Косово. Тие тоа го сторија истиот ден кога српскиот претседател Александар Вучиќ организираше контрапротест во Белград како реакција на големите протести на опозицијата наречени „Србија против насилството“.

Судири меѓу српското население и КФОР на Северот на Косово, над 50 повредени