Ковaчевски се сретна со новиот дирeктор на ЕК за соседство и преговори за проширување

Фото: Влада на РСМ, 18 мај 2023

Европската Унија очекува брз развој на регионот и силно ја поддржува Република Северна Македонија во следниот чекор на евроинтеграциите.

Таква порака, како што соопшти македонската влада, упатиле Герт Јан Купман, новиот генерален директор за соседство и преговори за проширување од Европската комисија (ЕК) и со Микела Матуела, вршителка на должност директорка за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување од ЕК со македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

Притоа, посебен акцент е ставен на тоа дека сите политичари имаат одговорност за напредокот на земјава кон ЕУ.

„Северна Македонија, како што е оценето, има историска можност за напредок којшто ќе овозможи на граѓаните во државата европски квалитет на живот. Поради тоа, како што е констатирано, потребно е да се носат големи одлуки, во коишто, се очекува да дадат придонес сите политички субјекти во државата. Нагласено е и дека напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, значи придонес во регионалниот контекст и кон европскиот мир и стабилност, што се очекува да се има предвид од страна на сите политички чинители во земјава“, соопшти Владата.

На средбата се разговарало за значењето на донесувањето на уставните измени и потребата од нивна поддршка во Парламентот од страна на пратениците.

Премиерот Ковачевски се заблагодарил за поддршката од ЕУ и нагласил дека следните чекори на земјава треба да бидат сериозно сфатени од сите пратеници и политички партии.

„Кај Владата постои цврста политичка определба за нов успех во евроинтеграциите, затоа што тие за граѓаните навистина значат унапредување на животниот стандард и европски квалитет на живот и очекуваме ова да биде со сериозност сфатено од сите политичари, пратеници, политички партии во државата“, нагласиле Ковачевски на средбата со европските претставници Купман и Матуела.