Еуросупер БС-95 поевтинува за половина денар, другите горива со цени по старо

Бензинска пумпа

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) изврши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,38 отсто, во однос на цените донесени на 19 април. Со новата одлука, од ноќеска малопродажните цени на бензинот Еуросупер БС-98, Еуродизел (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат и остануваат на истото ниво од пред една недела. Цената на бензинот Еуросупер БС-95 се намалува за 0,50 денари за литар. Намалување има и кај цената на Мазутот М-1 НС за 0,400 денари.

Така, од утре, Еуросупер БС – 95 ќе чини 67 денари за литар, Еуросупер БС -98, 69 денари за литар, дизел гориво Еуродизел БС (Д-Е V) ќе се продава по 58,50 денари за литар, маслото за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) ќе чини 58 денари, а мазутот М-1 НС 34,592 денари за килограм.

Во изминатиот седумдневен период референтните цени на светските берзи во просек бележат намалување кај бензинот за 0,242 отсто, кај дизелот има зголемување за 0,742 отсто, кај екстра лесното масло за 0,902 отсто, а кај мазутот има намалување за 0,543 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот бил понизок за 0,844 отсто.