Една наставничка во општина Центар е позитивна на ковид-19, за друга во тек е епидемиолошка анкета

Во моментов пристигнуваат податоци во врска со една наставничка позитивна на ковид-19 во одделенијата од 1 до 3 одделение и една наставничка во вишите одделенија, информираше директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Ирина Сотирова Бухова на денешната прес-конференција.

„Станува збор за една позитивна наставничка во основно училиште во општина Центар, која уште пред 8 дена е во самоизолација, воедно таа нема контакти од работа, а во тек е и анкетата за друга наставничка за која сè уште не е потврдено дали е позитивна на вирусот“, изјави Бухова, додавајќи дека во моментов поради одвивањето на епидемиолошката анкета, не може конкретно да се каже дали и колку од децата или наставниците ќе бидат во самоизолација.

Таа потенцираше дека доколку се почитуваат протоколите кои веќе им се познати на сите директори на основни и средни училишта, не треба и нема да има загрозени ниту наставници, ниту деца.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат досега има направено 554 вонредни инспекциски надзори низ основните и средните училишта на територијата на цела држава, а воедно изречени се 54 мерки решенија во однос на недоволна санитарна и техничка безбедност во истите.