Шекеринска од Вермонт: Македонија го заслужува членството во НАТО

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска за време на нејзината официјална посета на САД изјави дека Македонија го заслужува членството во НАТО.

Таа на прес-конференција во американската сојузна држава Вермонт порача дека Македонија покажала дека е посветен партнер на кој членките на Алијансата можат да сметаат.

-Мојата цел е да ја побарам поддршката од стратешкиот партнер на Македонија, САД, во пресрет на Самитот на НАТО. Македонија го заслужи местото во НАТО, работевме напорно. Покажавме дека Македонија е посветен партнер на кој членките на Алијансата можат да сметаат. Веруваме дека поканата за Македонија за членство во НАТО ќе придонесе за нашата стабилност, но и за стабилноста во регионот, и ќе биде во интерес на САД- рече Шекеринска.

Таа во Вермонт се сретна со гувернерот Фил Скот и со командантот на Националната гарда, генерал мајор Стивен Креј.

Министерката за одбрана денеска во Вашингтон треба да се сретне со американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис.