Државниот врв им го честиташе Богојавление – Водици на православните верници

Премиерот Зоран Заев, по повод празникот Богојавление – Водици упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан и до сите православни верници.

„Благородната порака на овој празник исполнува и со оптимизам, и дека надежта и жедта за доброто, совршеното и убавото никогаш не згаснува. Со овие пораки, и со искрената верба во нив, да си посакаме подобра иднина, здравје, и со добра волја да се соочуваме со сите предизвици што ни претстојат на личен и на колективен план“, напиша Заев во честитката.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери од свое лично име и од име на пратениците на сите верници од христијанска вероисповед им го честиташе Богојавление – Водици, со порака дека овој празник, како и сите други празници, се моменти во кои се сплотуваат луѓето и споделуваат добри мисли, взаемна почит, разбирање и љубов.

„Нека вашите срца и вашите домови бидат исполнети со духовен мир, семејна топлина и убави желби за напредок во секоја димензија. Нека е честит и за многу години празникот“, стои во честитката од Џафери.

Претходно, претседателот на државата во честитката по повод празникот наведе дека Богојавление – Водици „треба да нè потсетува да не се навраќаме на старото, туку да се стремиме кон живот исполнет со љубов, понизност, милост и солидарност“.

„Да се престигнуваме со добрина, и да го градиме нашето мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество во мир, соживот и почитување на различноста“, порача Иванов.