СДСМ: Иванов да го даде мандатот, ВМРО-ДПМНЕ да не ја кочи демократијата

Потребно е сите институции и политички субјекти во државата да бидат на највисоко ниво на одговорноста за да се избере новата влада во најкус можен рок и за да се создадат законски услови за одржување на локалните избори, побара СДСМ денеска, повторувајќи дека ја гарантира уставноста на државата.

Партијата обвини дека сите блокади се само за да се заштитат Никола Груевски и дел од врвот на ВМРО-ДПМНЕ од кривична одговорност.

„Ѓорге Иванов треба веднаш да го даде мандатот за формирање влада. Постои програма на реформската влада што ја гарантира унитарноста на Република Македонија, работа според Уставот и во интерес на евро-атлантските перспективи. Ќе има и реафирмирање на овие стратешки определби, за да се разбијат докрај оправдувањата поради кои Иванов и опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги блокираат демократските процеси, а тоа се одразува штетно врз граѓаните. Оваа практика на свесно кочење на демократските процеси во заштита на Никола Груевски и на неколкумина негови соработници од соочување со правдата, оди на директна штета на граѓаните, кои чувствуваат штети врз нивните семејни буџети, а од понеделник голем дел од грaѓаните во општините ќе останат без плати и без потребните општински услуги“, се вели во соопштението.

СДСМ порачува дека на граѓаните „итно им е потребно смирување на општествено-политичката ситуација, стабилизација на државата, економски напредок и евро-атлантски развој“ и вели дека поради тоа секое блокирање на демократските процеси е „противуставно казниво дело, бидејќи прави директена штета на државните и на граѓанските интереси“.