СДСМ денеска ќе достави предлог-закон за медиуми до работните групи

СДСМ денеска до партиите потписнички на Договорот до Пржино ќе го испрати својот предлог-закон за медиумите, по што треба да се одржи и средба на работните групи. Засега сè уште нема закажано термин за средба помеѓу преговарачките тимови, а се очекува новата рунда разговори да се одржи најдоцна утре.

Предлогот на СДСМ бил на иста линија со тој на белгискиот олеснувач Питер Ванхауте.

Закон за владино рекламирање и комбинирана форма за функционирање на МРТВ по словенечко-германско-белгиски модел, пак, се предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за регулирање на медиумите.

Од владејачката партија предлагаат финансирањето на МРТВ да биде на два начина: едниот начин е таа да се финансира преку буџетот, а вториот – преку радиодифузна такса. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ предложила Советот на МРТВ да остане ист, a 100 дена пред изборите, информативната програма да ја уредуваат двајца уредници, еден од власта и еден од опозицијата.

Од владејачката партија предлагаат и Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги да биде составен од седум члена, од кои по два члена треба да предложат ЗНМ и МАН, а од кои едниот да биде од националните телевизии. Според предлогот на власта, по еден член треба да предложат и интеруниверзитетската академија, МАНУ и адвокатската комора.

ВМРО-ДПМНЕ предложила и намалување на казните за медиумите, а бара и сите медиуми во Македонија да се регистрираат како трговски друштва.

Овие предлози се неприфатливи за СДСМ и за Здружението на новинари на Македонија.