Дивата депонија ги труе тетовци

Тетовци што живеат во непосредна близина на дивата депонија каде се претовара градскиот смет, реагираат дека во вечерните часови на депонијата се пали отпад. Тие тврдат дека се распространува чад низ целиот град, кој придонесува воздухот да биде екстремно загаден.

– Се пали, некогаш кога поминувам покрај депонијата се забележува дека гори, навечер не можеме да земеме воздух – вели повозрасен жител на градот.

И на социјалните мрежи, групи и граѓани споделуваат фотографии од дивата депонија на кои се гледа дека гори оган.

Од Јавното комунално претпријатие Тетово велат дека навечер понекогаш се пали разновиден отпад, но не на локацијата кај дивата депонија каде се претовара сметот, туку во нејзина близина.

Оттаму најавуваат решавање на проблемот со депонијата, која, според нив, ќе биде минато откако според планот на Јавното комунално претпријатие Тетово ќе се изгради затворен објект, каде ќе се претовара комуналниот отпад.

Аерозагадувањето во Тетово сè уште е големо. За да се ублажи ваквата состојба, ЈКП Тетово почна да ги мие градските булевари со калциум магнезиум ацетат. Најавените мерки против загадениот воздух, како посебен режим на сообраќај или целосно воведување на зонско паркирање, сè уште не се спроведуваат.

З.Д.