Жител на Радишани нападнат од две непознати лица

Жител на скопската населба Радишани синоќа во Единицата за известување и командување пријавил дека околу 17.30 часот физички бил нападнат од две непознати лица, соопшти МВР.

Триесет и деветгодишниот В.Р. се движел по улицата Радишанска, со своето патничко возило „ланд ровер“ со скопски регистарски ознаки, во кое биле неговата сопруга и неговата ќерка, а во еден момент патничко возило „пасат“ со непознати регистарски ознаки, кое се движело пред него, без предупредување нагло сопрело.

Изреволтиран поради постапката, В.Р. го сопрел своето возило, излегол и се упатил кон возилото пред него. По кратка расправија, од возилото излегле две непознати лица и физички го нападнале В.Р., кој загрозен за неговата сигурност, почнал да им возвраќа на ударите. Откако некој од присутните пријавил во полиција, едното лице избегало, а другото влегло во возилото и со возилото го удрил В.Р., кој паднал на хаубата и со главата го удрил ветробранското стакло. По 100 метри возилото сопрело и В.Р. паднал од хаубата.

Со возило на итна медицинска помош тој бил пренесен во Ургентен центар Скопје, каде бил задржан на понатамошно лекување.